Skip to main content

Одбележана 102-годишнината од основањето на Република Турција

Со свечен прием во резиденцијата на турската Амбасада во Скопјe, синоќа беше одбележана 102-годишнината од основањето на Република Турција.

На настанот присуствуваа високи претставници на политичкиот и на општествениот живот во Македонија, меѓу кои претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за надворешни работи и за надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министри, пратеници, градоначалници, како и претставници на организации и на институции од двете земји.

Свеченоста започна со интонирање на националните химни на Турција и на Македонија.

Во својот говор, амбасадорот на Турција во Скопјe, Фатих Улусој, им се заблагодари на присутните и ги пренесе поздравите од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Тој потсети дека Република Турција е основана пред 102 години и го нагласи напредокот постигнат во секоја област оттогаш.

– Од основањето на Републиката, нашата земја и нација направија голем напредок во секоја област. Турција е членка на ОН, НАТО, ОЕЦД и Г20, како и земја кандидат за Европската Унија. Таа игра активна улога во надворешната политика, медијацијата, одбранбената индустрија, хуманитарната помош и во меѓународниот развој, придонесувајќи за светскиот мир, рече Улусој.

Нагласувајќи ги блиските односи меѓу двете земји, тој додаде дека Турција и Македонија се поврзани преку силни врски меѓу двата народа.

На приемот беше прочитана и пораката на претседателот Ердоган по повод 29 Октомври, Денот на Републиката.

Како дел од прославите, Амбасадата на Турција во Македонија, во соработка со Канцеларијата на аташето за култура и промоција и Здружението на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) и со поддршка на Здружението на скопски еснафи, претходно во текот на денот организираше прошетка и културна програма во Старата скопска чаршија.