Рубриката Личност на неделата беше замислена како простор во кој ќе се соберат сите безмислени изјави кои еден функционер таа недела ги кажал и останал жив. Дека ќе останел без функција не се ни надевавме. Опстојуваше доста долго кога Македонија го имаше Зоран Заев. Во негово и во отсуство на макар навидум конструктивна опозиција, со Влада која, барем засега, го кажува она што сакаме да го слушаме, сигурно ќе биде доста тешко да се пополнува секоја недела.
Но, да не се урочиме. Одиме со првиот:
Али Ахмети
Како една личност која последните 20 години (од кои последните 7 со тапија) ни беше алфа и омега во државава, наеднаш стана небитна буква?
Како од „големи протести на есен“ стигнавме до закани на „Фејсбук“?
Како од Командат Абаз Ѓука до очајни банери „Врати се“ за кои сите знаеме дека сам си ги поставува?
Како од „како до сега“ стигнавме до пензионер кој пишува писма кои никој не ги ни чита?
Го замислуваме во овие ладни денови како со калчуни на нозе и цигара во рака му диктира на Груби (каде е пак тој деновиве?!) што да им пише на странските лидери и да им се пожали дека овде никој веќе не го игра – ни Влада, ни Македонците, а богами веќе ни Албанците.
Псевдонимот „Абаз Ѓука“ (Abaz Xhuka) што го користел Али Ахмети за време на конфликтот во 2001 година, се поврзува со историска личност или фигура која во албанската историја или народна традиција била позната по храброста, мудроста и лидерството.
Името „Абаз“ е поврзано со убавина и светлина (во преносна смисла „чистота на намерата“), додека „Ѓука“ може да е поврзано со сила и решителност.
Првото писмо Ахмети го адресираше до претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и државниот секретар на САД Ентони Блинкен.
Докторот на науки вели:
Со длабока загриженост Ви се обраќам денес за најновите политички и уставни случувања во Cеверна Македонија, кои ги загрозуваат историските достигнувања на Охридскиот договор и основните принципи на еднаквост и мир во нашата мултиетничка држава, особено за Албанците во Cеверна Македонија.
Вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.
Во дваесет години некој би рекол дека ќе научи нешто друго освен закана со војна ако не е по негово.
На Рама, пак, му вели:
Во оваа критична фаза, Ве повикувам на заедничка и решителна акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците.
Во време кога Албанија го отвора првиот кластер во преговорите со ЕУ, кога се договараат проекти со синот на Трамп, кои на земјата ќе ѝ донесат уште толку поголем продив преку туризмот, кога Рама договара проекти за мигранти со Италија, навистина ли Ахмети смета дека ќе се занимава со него?
На крајот на денот, Рама ја собра албанската дијаспора во Атина, во Милано, во Њујорк и во Солун. Не видовме такво шоу и во Македонија.
Второто писмо на Ахмети имаше адреса „Илинденска“ бр.2:
Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Македонија. Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот. Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, пишува Ахмети во писмото до Мицкоски.
Според лидерот на ДУИ, партијата која од летово е во опозиција, сето ова може да да ја врати земјата во периоди на несигурност.
Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Cеверна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби, вели Ахмети.
Брзо стигна и одговорот од премиерот. Мицкоски рече – не го прочитал писмото. Што повеќе?
Денеска, пак, Ахмети преку партиско соопштение повикува на предвремени избори, зошто според нивните пресметки – државата ќе заштедела.
Доколку парламентарните избори се одржат истовремено со локалните во октомври, тогаш во 2029 година за првпат ќе имаме можност на ист ден да се одржат три изборни процеси (претседателски, парламентарни и локални). Ова ќе резултира со значителни заштеди за државниот буџет и поефикасна организација на изборите.
Повикот за предвремени избори заедно со локалните избори во октомври, според ДУИ, не е само политичко барање, туку „демократска можност сите страни да ја потврдат довербата од граѓаните, особено во време на криза на легитимитет“.
Криза во моментов има само една, а се случува во редовите на ДУИ. Па, така во меѓувреме, и Ахмети доби писмо, но не од странство туку од дома, од партија.
Мислам дека дојде време барем на средбите со народот да се освежат првите редови! Претседателот заедно со тесното раководство, секретарот и потпретседателите на партијата одржуваат средби со цел да разговараат со народот, да го слушаат народот, а не да ги слушаат оние поединци кои ги слушаат од 2002 година, му порача поранешниот директор на ЕЛЕМ Турс, Адем Авзиу, потенцирајќи дека оваа загриженост ја делат и многу други членови на ДУИ.
Автор: Марина Милановиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.