![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/cvetanovski-jovan.jpg)
Предлогот и постапката за дисциплинска постапка против мене, поднесена од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, е поведена за четири предмети во кои заедничко за сите е дека обвиненијата се поднесени без потребен ни миниманлен квантум на докази врз основа на кои би можело во судска постапка да се утврди било каква кривична одговорност за обвинетите лица – вели, во изјава за Република, обвинителот од виштото јавно обвинителство, Јован Цветановски, против кого е поведена дисциплинска постапка.
Тој вели дека во предлогот на Коцевски за дисциплинската постапка нема навод за каква крупна професионална грешка се работи, како што бараат законските одредби.
Постапката е поведена како наводен дисциплински прекршок предвиден од чл. 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство во кој, како Тешка дисциплинска повреда се смета ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.
Од образложението на предлогот на Коцевски за поведување на дисциплинска постапка нема навод за каква крупна професионална грешка се работи, а ова го тврдам врз основа на фактите кои се во предлогот, моето постапување и Законот за кривична постапка како и Законот за јавно обвинителство, а врз основа на кои може да се поделат на три основи – Изготвениот извештај не е правно релевантен бидејќи е изготвен согласно Правилникот за вршење надзор и како таков е плод на отровно дрво и не може да се користи како акт за утврдување на било каква состојба, особено не за утврдување на дисциплинска одговорност. Потоа следниот основ – истиот е изготвен од два јавни обвинители кои во моментот имале конфликт на интерес и не смееле воопшто да се впуштат во надзор над работењето на ВЈО Скопје, особено не на предметите во кои јас сум постапувал и тоа за период опфатен за две години, кој не е предвиден во правилникот. И како трето и круцијално во извештајот за надзор од страна на еден од тројцата јавни обвинители има јасен заклучок дека во постапувањето особено на овие четири премети од моја страна како обработувач на предметите сум постапувал непристрасно, професионално и законито, што значи ИЗВЕШТАЈОТ има различни мислења – додава Цветановски.
Според него, во неговото постапување како виш јавен обвнител треба да внимава дали кривичната постапка пред судот, не само од судот, туку и од првостепеното јавно обвинтиелство, е водена согласно предвидените законски претпоставки од Законот за кривична постапка. На сите судски списи кои биле на увид при изготвување на предлогот на Вишото јавно обвнителство, биле утврдени одредени процесни пропусти направени од страна на јавните обвинители кои ги застапувале предметите во прв степен, заради што следеле и соодветни предлози, од Вишото јавно обвинителство до Апелациониот суд. Како што посочува, во два предмети биле повлечени обвиненијата, а во два предмети жалбите на јавните обвинители. До јавните обвинители обработувачи на предметите биле доставени писмени укажувања за нивните направени пропусти со цел во иднина да не се повторат за да во пракса не се иницира правна несигурност, а во исто време и писмено било известено републичкото јавно обвинителство, кое и има надлежност да ја провери евентуалната одговорност.
Во конкретниот случај, од страна на предлагачот на оваа дисциплинска постапка, Коцевски, наводите се различно толкување на фактите и во истите нема ниту еден навод во однос на материјалните докази или постоење на правна аргументација дали тие предмети со тој корпус на докази и начин на постапувања на првостепените јавни обвинители можеле да претставуваат законити обвиненија или жалби на одлука на суд. Како заклучок од сето ова во моето постапување по наведените предмети не може да се утврди намерно и неоправдано направена крупна професионална грешка, а различното толкување на правото и фактите од страна на двајца членови- кои имаат и конфликт на интереси во извршениот надзор, не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител, што Законот изрично го забранува како основ за повикување на дисциплинска одговорност – коментира Цветановски за Република.
![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/01/hajrulahi-cvetanovski-kocevski-e1738259096349-1024x858.png)
Цветановски иницирал кривична постапка против Коцевски, затоа што смета дека со своето постапување државниот обвинител ја загрозува самостојноста и одговорноста на јавен обвинител во вршењето на функцијата на јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Бидејки Коцевски, како републички јавен обвинител, наместо да ги штити јавните обвинители во насока на било каков притисок врз нивното работење, тој грубо ја злоупотребува својата фунција, постапувајки спротивно на член 3 од Законот за јавното обвинителство и непочитувајќи ги принципите на хиреархија и субординација, ја загрозува самостојноста и одговорноста на јавен обвинител во вршењето на функцијата на јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, иницирав кривична постапка со поднесување на кривична пријава до ОЈО за ГОКК против Љупчо Коцевски и двјаца членови од работната група кои вршеа надозор, за што е известен и Советот на јавните обвинители, а се со цел преку оваа кривична постапка да се спречи во иднина ваков вид на злоупотреба на своите овластувања од страна на републичките јавни обвинители – ни изјави обвинителот Цветановски.
![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/kocevski-sjo-1.jpg)
Тој, исто како вишиот јавен обвинител, Мустафа Харулахи, против кого исто така се водеше дисциплинска постапка, несогласувањата започнале со предметот за бонусите на СЈО. Тие велат дека причината за дисциплинските постапки против нив е тоа што не прифатиле да постапуваат по предметот со Бонусите на СЈО како што им било наложено.
Сега веќе сум убеден дека причина за ова е враќањето на предметот со Бонусите на СЈО во Организиран криминал. Судејќи според тоа што Коцевски за овие повеќе од четри месеци го направи, преку начинот на извршениот надзор, иницираната дисциплинска постапка, затскривајќи се и во исто време злоупотребувајќи го дадениот медиумски простор секојдневно, во секоја прилика во своите настапи преку медиумите вршеше јавен линч со изјави кои не може да ги наречам правни аргументи туку клеветнички изјави, да, убеден сум дека причина за дисциплинската постапка, е мојата одлука по повод предметот за поделени бонуси во укинатото СЈО – додава Цветановски.