Skip to main content

Николоски: Судството во Македонија мора да одговори на задачата, во моментов не е така, состојбата е очајна

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при денешното гостување во ТВ дневникот на Сител истакна дека недостигот на морал и одговорност во судскиот систем го прават овој проблем уште посложен. Николоски нагласи дека иако е потребно да се решаваат многу проекти, без правда во државата, граѓаните нема да се чувствуваат безбедно. Николоски додаде и дека иницијативата за распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет е само првиот чекор кон подобрување на ситуацијата, а целта е да се врати довербата во судството и да се подобри правдата во земјата.

„Во моментов судството е најслабиот дел од општеството. Ние можеме цела Македонија да ја изградиме, да имаме десетици проекти, но луѓето бараат правда и очајно ја бараат правдата. Тие не прават разлика помеѓу властите, затоа што извршната власт, во која што сме ние, и судската се одвоени, но затоа што нас не не избираат на избори, одма бараат решение. Самото тоа што довербата е 2%, тоа е статистичка грешка, многу кажува. Тоа се луѓе кои што исто се занимаваат со јавен живот. Јас да би имал 2% поддршка, би ми било срам на улица да излезам, а камоли да се занимавам со јавна работа“, истакна Николоски.

Николоски нагласи дека членовите на Судскиот совет треба да поднесат оставка, бидејќи се избрани од Собранието, а поддршката за нив доаѓа од коалицијата СДСМ-ДУИ.

„Во моментот кога ние ја поднесовме оваа интерпелација, очекував членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, затоа што тие се бирани од Собранието. Ние не поднесовме првиот ден по формирање на владата, оставивме да видиме како ќе работат. Тие кои што ги поддржуваат, тоа е коалицијата СДСМ-ДУИ“, нагласи Николоски.

Николоски додаде дека неоправданиот отказ на оставки покажува дека членовите на Судскиот совет немаат морал и одговорност кон јавноста.

„Оваа коалиција која не ги поддржува, тоа е коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ВЛЕН-ЗНАМ, има 78 пратеници и многу јасна е разликата. И кога видоа дека ние поднесуваме интерпелација, очекував попладнето да поднесат оставки, но и со тоа што не поднесоа оставки покажаа дека нема никаков морал, дека нема никакво чувство за одговорност кон јавноста и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Николоски.

Николоски нагласи дека најголем проблем во судството е недостатокот на морал и односот кон јавноста, што ја прави ситуацијата неодржлива, а масовниот одлив на луѓе од Македонија е резултат на недостигот на правда.

„За мене поголем проблем во судството од корупцијата е немањето морал и однос кон јавноста. Со ова покажуваат и ова е причина плус да таа интерпелација побрзо заврши и да најдеме начин потоа да си одат, затоа што е неодржливо ова што се случува во државата. Масовно луѓе ја напуштаат државата, не од економски причини, туку затоа што нема правда. Не знам како не им е срам да продолжат да седат на тие позиции“, истакна Николоски.

Николоски истакна дека судството во Македонија не ги исполнува своите задачи и дека состојбата е очајна. Според него, оваа иницијатива на премиерот Мицкоски е важен чекор, бидејќи без правда луѓето нема да се чувствуваат безбедно во земјата.

„Ние предложивме целосно распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет, до денес подобра понуда не добивме. Ова е прв чекор во реализација на тоа што го ветуваме. Судството во Македонија мора да одговори на задачата, во моментов не е така, состојбата е очајна и мора итно да бараме решенија. Ова е проблем број еден и мислам дека е добро што премиерот Мицкоски ја потегна оваа иницијатива, го почувствува пулсот на народот, и мора да најдеме решенија. Ние можеме сите проекти да ги завршиме, ако нема правда во Македонија, луѓето нема да се чувствуваат пријатно во сопствената држава“, заклучи Николоски.

Поврзани вести