Не смееме да дозволиме градоначалниците да станат локални владетели, ниту пак статисти во процесите, туку фактори за развој и решавање на проблемите. Ова го истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.
Ние покажуваме со пример дека работиме за сите општини. Преку Министерството за локална самоуправа се менаџира процесот кој како Влада го реализираме за 250 м евра капитални инвестиции, каде пари имаат добиено сите општини што ги исполнија условите, со што покажуваме дека за нас приоритет е локалниот развој, подвлече тој.
Премиерот истакна дека локалната самоуправа е срцето на локалниот развој. Таа е тука, рече, да ги препознае и задоволи потребите на секој граѓанин, да го унапреди животот во нашите општини и да обезбеди услуги кои се брзи, ефикасни и достапни за сите.
Визијата, е, подвлече тој, да се изгради локална самоуправа што ќе биде вистински партнер на секој граѓанин. Да се создадат услови каде општините нема да бидат само администратори, туку активни двигатели на економскиот раст, на иновациите и на социјалната кохезија.
Работите што ги наследивме во поглед на локалната самоуправа и тоа што минатите влади превземале на тој план не се добри. Предолго општините биле предмет на политички пазар и поддршката на централната власт искчучиво зависела од тоа дали раководствата на единиците на локалната самоуправа кохабитираат со тие на централната власт. Па затоа ќе потсетам дека изворно како и доскорешен лидер на опозицијата, сум запознаен со тоа низ што се градоначалниците поминуваа на тој план, истакна тој.
И на тој план, нагласи, единствено и најголемата цена ја плаќаа граѓаните.
Морам да кажам дека тоа станува минато и ако сакаме развој тој ќе е целосен со сите аспекти и чинители вклучени во него. Вложуваме значителни напори да ја зајакнеме улогата на локалните власти. Преку финансиска децентрализација, инвестирање во инфраструктурата и дигитализација на услугите, покажаваме за кус период дека развојот на локалната самоуправа е наш приоритет, подвлече Мицкоски.
Но, додаде премиерот, останува уште многу работа.
Пред нас е предизвикот да обезбедиме целосна транспарентност, отчетност и еднаков пристап до сите ресурси. Само со заеднички напори и партнерство помеѓу централната и локалната власт можеме да изградиме општини кои ќе бидат пример за добар управувачки модел, рече тој.
Мицкоски потсети дека Министерството за локална самоуправа отпочна со постапка за консултации на нов закон за локална самоуправа, со што, како што рече, ќе се надминат сите недостатоци и ќе се инкорпорираат искуствата од праксата.
Локалната самоуправа не е само ниво на власт. Таа е симбол на нашиот заеднички стремеж за подобар живот. Таа е инструмент преку кој граѓаните ја реализираат својата моќ и визија за подобро утре. Ајде сите заедно, без разлика на политичките, етничките или географските разлики, да вложиме напори за силни и успешни општини кои ќе бидат гордост на нашата држава, порача премиерот.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински рече дека создавањето на пофункционална локална самоуправа, подобрување на квалитетот на јавните услуги и изградба на партнерство и доверба со граѓаните се клучни приоритети на оваа Влада. Затоа, истакна, има максимална посветеност на поддршка на развојот на локалната самоуправа.
Перински додаде дека од самиот почеток биле идентификувани клучните предизвици со кои се соочуваат општините. Се осврна и на финансирањето на 274 капитални инфраструктурни проекти, а за директната поддршка рече дека ќе продолжи и догодина. За, како што додаде, инфраструктурен развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Перински исто така проговори и за отпочнатиот процес за унапредување на Законот за локална самоуправа со цел да се врати можноста за отповик на градоначалник. Да се обезбеди, како што рече, механизам за засилен комунален ред и надзор, како и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките, што е смислата на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, министерот рече дека акцентот е ставен на Ресурсниот центар за поддршка на општините и за нивна дигитализација.