Започна времето на генерацијата Бета. Децата родени на први јануари 2025 година и се до 2039 година ќе ја сочинуваат генерациската група наречена Бета, која следува по генерацијата Алфа во која спаѓаа децата родени помеѓу 2010 и 2024 година.
Генерацијата Бета ќе биде под силно влијане на технологијата, исто како и нивните претходници. Животот на децата родени по први јануари 2025 година ќе биде дефиниран токму со Вештачката интелигенцијата (ВИ) и автоматизација, а општествените предизвици, како што се климатската криза и глобалните демографски промени, ќе ја обликуваат нивната иднина.
Професор д-р Адријан Божиновски предава на Факултетот за информатика при АУЕ ФОН. Со него разговаравме за напливот на одушевување од ВИ, стравот на луѓето дека некои професии ќе исчезнат и ќе бидат заменети од роботи, како е имплементирана ВИ во образованиот процес кај нас, која е разумноста на употребата и можеби најчесто поставуваното прашање како да се користи во образованието, а да не се злоупотребува?
Сметам дека во принцип наставникот не би се побунил ако ученикот користи ChatGPT да најде одговори на некои прашања додека учи дома и на тестот истите ги одговори точно. Од друга страна, очекувам дека наставникот би се побунил ако ученикот на час го праша ChatGPT за истите тие одговори, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Божиновски.
На што се должи големиот наплив од одушевување на Вештачката интелигенција?
БОЖИНОВСКИ: Во голем број од случаите, научните достигнувања се скоро незабележани во моментот кога се откриваат или воспоставуваат, додека својата популарност ја доживуваат можеби децении подоцна. Така е и во случајот со Вештачката интелигенција: воспоставена е како поле во 1956, но дури во 21-от век доживеа широко распространето прифаќање. Според мене, технолошките услови созреаја до тој степен што Вештачката интелигенција стана достапна до широкиот аудиториум – особено со развојот на компјутерската процесорска моќ и распространетоста на Интернетот – и на тоа се должи напливот на воодушевување.
Има ли причина за страв од ВИ?
БОЖИНОВСКИ: Сите новини се прифаќаат со воодушевување од некои луѓе, а со страв од други. Појавата на Вештачката интелигенција во ваква форма е нова алатка која што нуди нови можности за напредок. Дел од луѓето тоа ќе знаат да го искористат, а дел нема. Но, секако науката и технологијата одат напред и секој којшто нема да може да се прилагоди ќе заостане.
Оправдани ли се стравовивте дека луѓето ќе бидат заменети? Дали ВИ може да биде замена за секоја професија?
БОЖИНОВСКИ: Не се работи за тоа што Вештачката интелигенција може да го направи, туку како ќе се искористи. Професиите еволуираат заедно со технолошкиот развој и ако и дојде до згаснување на некои професии, ќе се појават нови. На пример, ако некој работник работи како возач на кран во индустриско високорегално складиште, а тој кран се роботизира, работникот се прилагодува и станува оператор на роботот. Така, професијата возач на индустриски кран се заменува со професијата оператор на робот.
Инаку, не мислам дека ќе дојде до замена на луѓето во секоја професија, барем не во скоро време. Пример е играњето на шах: иако денес Вештачката ингтелигенција ја надминува природната во играњето шах, професијата „шахист“ ништо не губи од своето значење.
Човекот не може да се замени во целост, но кои професии се први на удар?
БОЖИНОВСКИ: Вештачката интелигенција секако ќе се обиде да замени професии коишто се напорни, здодевни и повторувачки. На пример, значаен пример денес е замената на воените активности со дронови.
Дали во Македонија е регулирано користењето на ВИ? Постојат ли законски рамки?
БОЖИНОВСКИ: Колку што знам, не. Во светот тоа почнува полека да се регулира, во смисла на тоа дека користењето на Вештачката интелигенција за сега само се нагласува дека е применето. Со други зборови, доколку е користена Вештачка интелигенција во создавање на некаква содржина, се смета за коректно тоа да се посочи, но не знам за некакви законски процедури тоа да се спречи или пак промовира.
Како е имплементирана ВИ во образованиот процес кај нас? Која е разумноста на употребата, на кој начин?
БОЖИНОВСКИ: Образовниот процес кај нас сѐ уште се соочува со фактот дека Вештачката интелигенција е широко
распространета. Се бараат начини користењето на Вештачката интелигенција да се регулира и да се вклучи во образовниот процес. Секако дека не е мудро да се исклучи нејзиното користење, бидејќи тоа е технологија којашто носи свои новини, како на пример струјата и компјутерите што биле кога се појавиле. Вистинскиот ефект од Вештачката интелигенција допрва ќе се види, а образовните институции сигурно ќе бидат меѓу првите што ќе најдат начини да ја формализираат нејзината употреба.
Дали ВИ може да биде креативна? Најмногу нешто што може да направи е да креира нешто што е веќе видено.
БОЖИНОВСКИ: Да, може. Денес Вештачката интелигенција конструира музика, се натпреварува со луѓето во играње игри, црта слики итн.Доколку веќе постоечки и познати елементи се вклопат на некој нов и до тогаш непознат начин, тоа исто така се смета за креативно. Вештачката интелигенција го има на располагање целиот Интернет и тоа нуди скоро неограничени можности за начини на комбинирање на знаења и технологии. Очекувам да се појават некои нови начини на спојување на некои навидум неспојливи области и појава на нови начини човечките активности и знаења да се прошират.
Учениците читаат сѐ помалку лектири, а сѐ повеќе го користат ChatGPT да им ги напише домашните. Ќе се согласите ли дека треба да се користи одговорно и етички во образованиот процес, но заедно со традиционалните образовни методи?
БОЖИНОВСКИ: Мислам дека ChatGPT e алатка којашто постои и треба да се користи. Проблемот не е кај учениците, туку кај наставниците. Тие треба да најдат начини да задаваат прашања, задачи и проекти со свесност дека ChatGPT може да се користи, а не да се забрани.
За сега сѐ уште луѓето комуницираат преку дискретни симболи (т.е. букви, цифри и слично), при што читањето и пишувањето се сѐ уште меѓу основните начини на пренесување на знаењата. Традиционалното образование, меѓу другото, е прилагодено за нивно изучување и усвојување и сѐ уште тие треба да се зачуваат. Секако, компјутерите веќе од поодамна се навлезени во секојдневниот живот и Вештачката интелигенција само ќе ја надополни нивната употребливост. Исто како што компјутерите полека навлегоа во образовниот процес. така и Вештачката интелигенција ќе го подобри и прошири користењето на компјутерите.
Дали ВИ ќе понуди нови алатки во иднина? Како тоа да се користи во образованието, а да не се злоупотребува?
БОЖИНОВСКИ: Што значи „злоупотребува“? Ова е клучното прашање коешто зависи од контекстот и моментот. На пример, сметам дека во принцип наставникот не би се побунил ако ученикот користи ChatGPT да најде одговори на некои прашања додека учи дома и на тестот истите ги одговори точно. Од друга страна, очекувам дека наставникот би се побунил ако ученикот на час го праша ChatGPT за истите тие одговори.
Разликата меѓу употреба и злоупотреба е иста како меѓу орудие и оружје, на пример: ножот може да се користи за сечење на леб или за повреда на човек. Исто како и секоја друга алатка, Вештачката интелигенција ќе се искористи на овој или оној начин во зависност од тоа што човекот ќе го побара од неа. Моралноста, етичноста, праведноста, вдахновеноста и слично се сѐ уште само човечки особини. Но јас се надевам дека Вештачката интелигенција ќе му помогне на човештвото да напредне до следниот свој стадиум на развој, којшто се надевам дека ќе биде понапреден од сегашниот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски