Skip to main content

Напредок не е постигнат: Средба на историската комисија, разговарано e за заеднички чествувања и за учебниците за VII одделение

МИА архива

Во Софија денеска и вчера се одржа 35. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти претседатeлот на македонскиот дел од тимот, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.

При отворањето на средбата, македонскиот тим искажал благодарност кон Република Бугарија и нејзините институции за укажаната помош при згрижување и лекување на настраданите од трагедијата во Кочани, како и кон бугарското општество и граѓаните за искажаната емпатија и солидарност.

Средбата поминала во работна и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата.

Во текот на 35. средба, се дискутираше по предлог-препораки за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. По однос на овие теми двете страни низ една динамична дискусија ги соочија своите ставови, при што не беше постигнат напредок. Притоа беа усогласени ставовите по нацрт-записникот од 29. средба, се наведува во соопштението.

Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа во февруари годинава во Скопје. И следниот состанок на македонските и бугарските историчари предвидено е да се одржи Скопје во јуни.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември минатата година. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Поврзани вести