
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска учествува на редовната годишна конференција на Воениот комитет на НАТО (MCC), што се одржува во Рига, Република Летонија.
Како што попладнево соопштија од Генералштабот на Армијата, на конференцијата присуствуваат началници на генералштабови од земјите членки на НАТО, како и високи претставници на Алијансата, меѓу кои претседавачот на Воениот комитет, адмирал Џузепе Каво Драгоне, Врховниот командант за операции (SACEUR), генерал Алексус Г. Гринкевич и Врховниот командант за трансформација (SACT), адмирал Пјер Вандие.
– Генералот Лафчиски ја потврди посветеноста на Република Македонија кон зајакнување на колективната одбрана и стабилноста во регионот, како и континуираната поддршка за Украина. Тој истакна дека земјата ќе продолжи со учество во активности за одбрана на источниот дел на Алијансата и ќе вложува во унапредување на својата оперативна подготвеност преку модернизација на Армијата и обука. Во контекст на актуелните безбедносни предизвици, генерал Лафчиски ја изрази цврстата солидарност со Полска и Естонија во врска со неодамнешните кршења на нивниот воздушен простор од страна на Руската Федерација. Тој оцени дека овие дејствија претставуваат сериозно нарушување на меѓународното право и закана за регионалната безбедност и источното крило на НАТО и истакна поддршка за сите мерки што НАТО ги презема за да обезбеди колективна безбедност, пишува во соопштението.
Се додава дека работните сесии се фокусирале на имплементацијата на одбранбените планови, поддршката за Украина, како и адаптацијата на Алијансата кон новите безбедносни предизвици и технологија.
Се очекува конференцијата да заврши со заедничка прес-конференција на претседавачот на Воениот комитет, адмирал Џузепе Каво Драгоне и началникот на Генералштабот на Националните вооружени сили на Република Летонија, генерал мајор Каспарс Пуданс..
– Воениот комитет се состанува во формат на началници на генералштабови (MC/CS) двапати годишно – во јануари и мај, во седиштето на НАТО во Брисел. Дополнително, еднаш годишно, една од земјите-членки е домаќин на специјална конференција, на која повторно се собираат сите 32 началници. Во текот на годината можат да се свикуваат и вонредни состаноци, доколку се процени дека е потребно. Воениот комитет се состанува за да дискутира за операции, мисии, вежби, способности на НАТО и други релевантни теми. Неговата главна улога е да обезбеди на Северноатлантскиот совет неограничен, консензус-базиран воен совет за тоа како Алијансата најдобро да се справи со глобалните безбедносни предизвици. Секојдневната работа на комитетот ја спроведуваат воените претставници на земјите-членки, сместени во седиштето на НАТО во Брисел, се истакнува во соопштението.