Skip to main content

Муртезани во Париз на средба со министерот делегиран за Европа

Министерот за европски прашања на Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Париз, со средба со министерот делегиран за Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Бенжамен Хадад, ја започна својата работна посета на Француската Република. Разговорот се одвиваше во светло на новата геополитичка реалност во Европа, во која партнерството меѓу Македонија и Франција добива нов импулс во насока на продлабочување на европската интеграција, политичката стабилност и отпорноста на регионот кон надворешни влијанија.

Во фокусот на средбата беа перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања. Муртезани ја реафирмираше подготвеноста на Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски-ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока, Муртезани ја истакна потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека целосната интеграција на Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет. Во таа смисла, тој нагласи: „Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња.“

Министрите се согласија дека зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за обете земји. Беа истакнати и веќе постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонски институции, како конкретен придонес за унапредување на реформските процеси и ускогласување со европските стандарди. Од страна на министерот Хадад беше повторена цврстата поддршка на Франција за европската перспектива на Македонија.

На средбата беа разгледани и натамошните чекори за продлабочување на стратешката рамка на соработка меѓу Македонија и Франција, особено преку промоција на нови можности за француски инвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата, како и зајакнување на размената во сферата на образованието и културата. Министерот Муртезани ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување на реформите и за иницирање на нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како незаменлив сојузник во реализацијата на стратешките евроинтегративни цели на Македонија.

Поврзани вести