
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел учествуваше на Форумот на високо ниво за проширување, насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК). На тркалезната маса учествуваа претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ и државниот секретар за Европска Унија на Шпанија, Фернандо Сампедро.
МЕП Муртезани нагласи дека процесот на проширување не е само геополитичка алатка, туку простор за заеднички амбиции и вредности. Тој подвлече дека Македонија останува силно посветена на унапредувањето на социјалниот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и инклузијата на младите во креирањето политики, како предуслови за одржлива и демократска европска иднина.
Министерот посочи дека Владата неодамна ја усвои Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и истакна конкретни примери на партнерства со организации од граѓанското општество, нагласувајќи ја нивната улога во зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на реформскиот процес. Тој подвлече дека за младите Европа не е далечна идеја, туку секојдневна реалност која бара правичност, иновации и солидарност.
По завршувањето на тркалезната маса, беше одржана заедничка прес-конференција на министрите и претседателот на ЕЕСК, на која Муртезани ја повтори пораката дека проширувањето мора да остане доследен процес заснован на вредности и Копенхашките критериуми.
Денешните дискусии уште еднаш потврдија дека дијалогот, граѓанското општество и младите не се привилегија, туку суштински столбови на демократска Европа во процесот на проширување. Македонија со обновена решителност продолжува да чекори на патот кон европската интеграција. Денешниот разговор уште еднаш ја потврди очигледната, но често занемарена вистина: дека процесот на проширување не е само геополитичка алатка, туку и морална обврска. Обврска кон демократијата, кон дијалогот и кон достоинството на секој европски граѓанин, без оглед на границите, историјата или јазикот што го зборува.
Македонија помина долг пат, пат кој е обележан со истрајност, реформи и непоколеблива верба дека Европската Унија е, пред сѐ, унија на вредности. Сепак, постојат моменти кога се потсетуваме дека начелата мора да се штитат со иста решителност како и границите. Проширувањето не смее да биде заложник на политиките на идентитет, туку мора доследно да се придржува до Копенхашките критериуми: јасни, фер и применливи за сите.
Ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес преку спроведување реформи, градење институции и негување на социјалниот дијалог. Истовремено, цврсто сме уверени дека Европската Унија во која веруваме – онаа изградена врз правда, почит и инклузија – исто така ќе продолжи да дава придонес кон нашата заедничка европска иднина.