
Министерството за образование и наука вчера објави два јавни повика до наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта за доставување барања за кариерно напредување. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека е многу важно што првпат огласот се однесува и за унапредување на стручните соработници.
-Тоа досега не беше вообичаено. Значи, во основното образованиеќе напредуваат наставници во ментори, веќе избраните ментори во советници, а стручните соработници првпат во ментори. Во средното образованиепрвпат ќе има кариерно напредување, ќе има и за наставниците, и за стручните соработници, унапредување во ментори. Јас сум среќна што го откочивме овој процес, благодарение на разбирање на Владата која овозможи средства за вакво нешто, се разбира, но и поради вниманието која оваа Влада го посветува на наставниците и стручните соработници, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по увид во градежните работи за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје.
Како што рече, и во минатото „можеле тоа да го прават, но имаше само еден единствен повик за седум години“.
-Ние го откочуваме овој процес и ќе го правиме регуларно така како што е предвидено со закон. Во основно образование ќе има напредување на 149 ментори во советници и на 138 стручни соработници, првпат во ментори. Во средно образование ќе имаме 88 ментори и 65 стручни соработници. Конкурсот е отворен, им пожелувам успех на сите коишто ќе се пријават, рече Јаневска.