
Модерно здравство не се гради со импровизации, туку се прецизни, системски правила. Дигитализација на здравството, реновирање на клиники, вработување на 600 специјализанти, нови апарати и нови методи на лекување, проширување на позитивната листа на лекови, се укинаа економските доктори на Клиниките.
Министерот за здравство Азир Алиу најави подготовка за измена на 12 основни закони од здравствениот систем, а министерството веќе работи на системот базиран на петте столба, со цел да го трансформира здравството во стабилен и политички независен здравствен систем.
Во тек се процеси на градење на активно и дигитално здравство наместо бирократско функционирање. Дигитализацијата не е технолошки луксуз, туку предуслов за правично, ефикасно и отчетно здравство. Затоа започнавме со подготовка за измена на 12 основни закони од здравствениот систем. Секој закон ќе биде третиран од посебна експертска работна група, затоа што модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни, системски правила. Министерството за здравство веќе активно работи на системот базиран на петте столбa, со цел да го трансформираме здравството во стабилен и политички независен здравствен систем, а посебен фокус ставаме на дигитализацијата како темел на здравствен систем базиран на реални податоци, вели Алиу.
Според министерот, визијата за активно здравство е систем што однапред планира, ги решава проблемите и ги мери резултатите.
Продолжуваме со поддршка од Владата заеднички да ги спроведуваме новите мерки и реформи во областа на здравството, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција по повод одбележувањето една година од работата на Владата.
Значајно се зголемени платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува 6.200 денари.
Го решивме долгогодишниот недефиниран статус на приватните специјализанти. Врз основа на донесената одлука на Влада за вработување 600 приватни специјализанти (300+300), веќе привршува реализацијата на првата фаза и во најголем дел од установите е завршена процедурата за вработување 300 млади специјализанти во јавните здравствени установи во државата. Веќе ја почнавме реализацијата и на втората фаза за следните 300 специјализанти, минатата недела на веб страната на Министерството беше објавен повикот за изразување интерес на специјализантите за вработување, истакна Алиу.
Првпат после повеќе од 10 години е ажурирана позитивната листа на лекови, за девет нови генерички лекови, односно 87 лека во различни форми.
На Клиника за гинекологија во тек е комплетна реконструкција на лаборатории, амбуланти и специјалистички кабинети. Реконструкцијата е во износ од 29 милиони, се очекува да биде завршена до крајот на годината. Отпочната е комплетна и темелна реконструкција на КАРИЛ која е прва од овој тип досега од основањето на Клиничкиот центар, на Инфективната клиника е извршено комплетно реновирање на првиот кат со интензивна нега – инвестиција во вредност од 1,5 милиони евра, на Хируршките клиники пуштена е во употреба новата компресорска станица со три компресори и извршено е целосно реновирање на Универзитетската клиника за психијатрија, реконструкција на Клиничка болница Тетово и на повеќе одделенија во Општа болница во Гостивар.
Во наредниот период, фокусот е на реконструкцијата на Градската општа болница „8 Септември“, а инвестирањето во болничката инфраструктура не се однесува само на операционите сали или медицинската опрема.
Почнавме процес кој ќе резултира со функционално решение на паркингот на Клиничкиот центар, затоа што болниците треба да бидат места на грижа, не на фрустрација уште од влезната рампа. Во континуитет ги осовременуваме јавните здравствени установи со нова медицинска опрема, меѓу кои во хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, во општите болници Велес и Прилеп, Клиника за очни болести, Општа болница Гостивар, Клиника за дигестивна хирургија. Во поликлиника Идадија има нов апарат за магнетна резонанца со кој овозможуваме поголема достапност за пациентите до потребните дијагностичките процедури. Исто така, континуирано работиме на воведување новини во областа на трансплантација, а особено зајакнување на знаењата и вештините на кадарот, следење на современите европски трендови и воведување нови методи во трансплантологијата, рече Алиу.
Се прошири Националната програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања за 2025 година со компонента за скрининг и рана детекција на црн дроб. Се активираше педијатриски дежурен пункт во рамките на ЈЗУ Здравствен дом Скопје. Нова компресорка станица во рамките на хируршкиот блок, на хируршките клиники во комплексот Мајка Тереза. Изведени се нови типови на трансплантации на црн дроб, коскени ткива, менискус и се подигна свеста за органодарителството.
Во изминатата година е набавена нова медицинска опрема и се воведоа нови методи во:
– Општа болница Велес (уролошка и ортопедска опрема),
– УК за хируршки болести Св. Наум Охридски (уролошка опрема),
– Општа болница Прилеп (уролошка и ортопедска опрема),
– УК за кардиологија (кардиолошка опрема),
– УК за детски болести (неонатолошка опрема, инкубатори, перфузори, невролошка опрема),
– Општа болница Куманово (неонатолошка опрема, нов инкубатор и полуинтензивна нега),
– Градска општа болница 8 Септември (нова ортопедска опрема) и нови методи од областа на интервентна радиологија.
Партијата додава дека интензивно се модернизираа условите за работа и за третман на пациенти при што многу оддели и амбуланти беа реновирани, и тоа:
– Комплетно реновиран одделот за ургентна инфектологија, ЦНС оддел и интензивната нега во ЈЗУ УК за инфективни болести,
– Реновиран кабинет за аудиологија во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација Скопје,
– Реконструкција и реновирање на повеќе одделенија при ЈЗУ Општа болница Гостивар,
– Реновирање и поставување на пет нови лифтови во ЈЗУ КБ Тетово,
– Реновиран кабинет за радиологија при хируршки клиники,
– Реновирана невролошка амбуланта во рамки на ЈЗУ УК за детски болести,
– Комплетно реновиран прв кат на ЈЗУ УК за психијатрија,
– Комплетна реконструкција на одделот за физикална и рехабилитациона медицина при ЈЗУ ОБ Гостивар.
Градиме систем како што се гради алгоритам, со точно дефинирани влезови, процеси и резултати. Во тој алгоритам, граѓанинот е на излезот, а човечката грижа е во јадрото. Процесите што ги започнавме нема да останат декларативни, тие се дизајнирани да се засилуваат во динамика и да даваат мерливи резултати. Продолжуваме со поддршка од Владата заеднички да ги спроведуваме новите мерки и реформи во областа на здравството. Не го градиме системот за министрите, туку за луѓето. Нашата работа нема почеток и крај во календарот, почнува со секој граѓанин што чека преглед, со секој лекар што бара услови и продолжува сè додека не изградиме здравство што работи без оглед кој е на функција, вели министерот Алиу.
Подготви: Александра М. Бундалевска