Skip to main content

Мизрахи: До шест обиди за ин-витро оплодување ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување

Правиме чекор напред кон достоинствен пристап до ин-витро оплодување. Чекор кон здравство што не исклучува, здравство посветено на секој еден, соопшти денеска на прес-конференција пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

Со измените на законот за здравствено осигурување, храбро се исправиме пред еден длабоко личен, често тивок, но болен проблем. – Неплодноста. Зборуваме за надеж. За живот. За семејство.

Од сега, до шест обиди за ин-витро оплодување ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување, нешто што досега беше незамисливо за многу семејства.

Законските измени, предложени од страна на парламентарното мнозинство, отвораат ново поглавје за илјадници граѓани кои со години се борат со неплодноста.

Претходно, само првите три обиди за ин витро беа покривани од државата. Но реалноста покажува дека често се потребни повеќе. Медицината не е универзална формула – таа е индивидуален пат. И ние како држава мораме да го препознаеме тоа.

Проширување на бројот на обиди за ин-витро од 3 на 6, покриени од Фондот.

Вклучување на различни типови на БПО процедури, вклучително и:

– со сопствени (автологни) репродуктивни клетки,

– со донорски (алогенеични) ембриони, јајце-клетки или сперма.

Се воведува и поедноставена електронска процедура за поднесување барања.

Подобрен административен и професионален надзор – со скратување на времето за одлучување од страна на Фондот и јасна жалбена постапка.

Македонија застанува рамо до рамо со европските земји кои го признаваат правото на родителство како фундаментално човеково право. Воведуваме јавно финансирање, наместо катастрофални трошоци за граѓаните, и ја симнуваме стигмата од оваа тема.

Ова е реформа што враќа надеж. Ова е реформа што раѓа живот. Како пратеник, горда сум што стојам зад ваква политика. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со вакви храбри чекори, посочи Мизрахи.