
По повод денешниот голем празник, Успение на Пресвета Богородица и утрешниот празник на патрон-светецот на градот Крива Паланка, Јоаким Осоговски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, упати честитка до граѓаните, порачувајќи дека овие денови имаат посебно духовно, историско и традиционално значење за градот.
-Ова се денови што имаат посебно место во срцето на секој кривопаланчанец, денови на верата, традицијата и духовноста. Денови што нè обединуваат и потсетуваат на вредностите што ги наследуваме и пренесуваме на идните генерации. Нека празничните денови донесат здравје, мир, благосостојба и радост во секој дом – порача Митовски.
Воедно, тој упати честитка и по повод Денот на рударите, нагласувајќи дека Крива Паланка, како рударски крај со долга традиција, со особена почит им оддава признание на луѓето чиј труд, храброст и истрајност се значаен дел од развојот и стопанскиот идентитет на општината.
-На сите рудари им го честитам празникот со искрена благодарност за нивниот труд и посветеност. Им посакувам пред сè добро здравје, безбедна работа и многу професионални и лични успеси. Крива Паланка го почитува и вреднува трудот на своите рудари – рече Митовски.
Митовски го најави почетокот деновите во кои Крива Паланка традиционално живее во духот на верата, традицијата, гостопримството и почитта кон вредностите.
Инаку, вчеравечер успешно заврши тридневната фестивалска програма на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ со учесници од 10 држави кои , улиците на Крива Паланка беа исполнети со колорит, музика и бројна публика, додека манифестацијата „Шопско село“, донесе автентичен белег на традиција и македонски бит преку изложените: ракотворби, домашни производи, традиционални гастрономски специјалитети, мед и други производи, во контекст на зачувување на традицијата и промоција на културното наследство.

Македонски


