Skip to main content

Мицкоски: Владата има мандат до 2028 година, но ако бидеме предизвикани – подготвени сме за избори

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата има јасен мандат до пролетта 2028 година и останува фокусирана на исполнување на ветувањата дадени пред граѓаните, коментирајќи ги повиците на опозицијата за предвремени парламентарни избори.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски оцени дека токму опозицијата е таа што ја наметнува темата за предвремени избори.

„Опозицијата е оптоварена со ова прашање. Често кај нив работи Фројд и тоа е нивниот најголем проблем. Мојот став е јасен – оваа Влада има мандат до пролетта 2028 година. Ние сме фокусирани во тој период да го испорачаме она што граѓаните го очекуваат од нас“, изјави Мицкоски.

Тој, сепак, порача дека доколку дојде до политички предизвик, владејачкото мнозинство е подготвено да излезе на избори.

„Се разбира, доколку сме предизвикани, ние сме тука и подготвени сме да одговориме на тој предизвик“, нагласи премиерот.

Осврнувајќи се на локалните избори во Општина Брвеница, кои треба да се одржат по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, Мицкоски информираше дека Владата веќе го донела потребниот заклучок и го доставила до Собранието.

Тој изрази очекување дека до крајот на месецот парламентот ќе ја започне постапката за распишување на изборите, кои, според најавите, најверојатно ќе се одржат во октомври.

Поврзани вести