Skip to main content

Мицкоски: Уставните измени минатата влада ги направи критериуми за членство во ЕУ, откако претходно го смени името

Не беше во таа смисла кажано. Туку беше кажано дека се уште некако како да стоиме и не успеваме да го придвижиме сите заедно процесот, а нашата заедничка цел е практично да бидеме еден ден дел од Европската Унија. Во таа смисла беше кажано тоа. Инаку нашиот разговор беше содржаен, пријателски разговор, кои го водат двајца пријатели – истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во вечерашното гостување на Телевизија Алсат М.

Јас не сум задоволен од динамиката на процесот, бидејќи уставните измени како такви, за нас како Влада ставот го знаете, јасен е. Нашата цел е практично да најдеме начин со што некако ќе го придвижиме процесот напред. Во меѓувреме се појави овој документ кој што го објави Европската комисија за кој што можам да кажам дека охрабрува, но тој документ на крајот на денот треба да биде усвоен од Европскиот совет – рече Мицкоски.

На прашањето дека и покрај се условот за уставни измени останува, премиерот Мицкоски посочи дека уставните измени минатата влада ги направи критериуми за членство во ЕУ, откако претходно го смени името.

Никогаш ние не сме кажале дека тој услов не останува. За жал, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифати нешто кое што е дел од овој процес. Но, она кое што беше наша цел од самиот почеток на Владата, ако ги оставиме оние будалаштини што ги кажува моменталното раководство на СДСМ и ДУИ дека сме ветувале, па сме излажале итн, ако ги оставиме тие будалаштини и зборуваме за реална политика, тогаш нашата цел беше да можеме да најдеме начин како тој процес да го задвижиме, а притоа да успееме да го задржиме достоинството, кое со прифаќање на тој услов ќе се согласите со мене апсолутно беше не само уништено, туку буквално закопано, ако се има предвид дека претходно на ова прифаќање му претходеше едно друго понижување, а тоа беше промената на уставното име – дециден е Мицкоски.

Поврзани вести