Skip to main content

Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој

Денешниот настан во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+, не е само формално објавување на програмските приоритети за 2026 година. Тој е порака. Порака дека инвестираме во знаење, во младите и во европската иднина на Македонија.
 
Државата учествува во програмата Еразмус+ како програмска земја. Тоа значи целосен и рамноправен пристап до сите активности и можности што ги нуди програмата, исто како и земјите членки на Европската Унија. Ова не е симболика, ова е суштинска, практична европска интеграција преку образование, млади и знаење.
 
Преку Еразмус+, нашата држава активно придонесува кон развојот на образованието, младинските политики и неформалното учење, поттикнувајќи меѓународна соработка, интеркултурен дијалог и унапредување на знаењата и вештините на младите. Тоа се темелите врз кои се гради современа, конкурентна и демократска држава.
 
Особено сакам да истакнам дека за 2026 година е обезбеден, како што веќе слушнавте најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра. Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе.
 
Еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка. Таа им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги. Но уште поважно – таа создава чувство на припадност, на европска младинска заедница, каде младите од Македонија се рамноправен дел.
 
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има особено важна улога и во креирањето и имплементацијата на Акцискиот план од Законот за младинско учество. Преку активностите поврзани со програмата Еразмус+, Агенцијата директно придонесува кон остварување на целите на Законот – особено во делот на младинското учество, информираноста и активната вклученост на младите во општествените процеси.
 
Имплементацијата на Законот за младинско учество значи јасно дефинирани можности за младите:
 
– Учество во носење одлуки,
 
– пристап до квалитетни информации,
 
– поддршка за личен и професионален развој.
 
Со тоа, младите не се гледаат само како корисници на политики, туку како активни чинители во општеството.
 
Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите.
 
Студентите добиваат можност да студираат.
 
За универзитетите, Еразмус+ значи јакнење на институционалните капацитети, модернизација на наставата и активно вклучување во европски академски и истражувачки мрежи.
 
Дозволете ми да се осврнам и на клучните приоритети што ги поврзуваат програмата Еразмус+ и националните младински политики.
 
Прво – задржување и активирање на младите, нешто што за нас е многу важно. Нашите политики имаат јасна цел: да го намалат одливот на млади и да го зголемат нивното активно учество во општеството. Еразмус+ придонесува кон тоа преку квалитетни можности и дома и во Европа, кои ги мотивираат младите да се развиваат, но и да се вратат, да останат и да придонесуваат дома.
 
Второ – активно граѓанство и демократско учество. Програмата ја поддржува културата на учество, одговорност и дијалог. Преку младински дијалог, размени и граѓански активности, се гради генерација која знае да учествува, да прашува и да носи одговорни одлуки.
 
Трето – социјална инклузија и еднакви можности. Еден од најважните принципи е обезбедување пристап до можности за сите млади, особено за оние со помалку можности.
 
И четврто – европска интеграција и усогласување со ЕУ политики. Преку Еразмус+, европските вредности не се учат теоретски – тие се живеат. Тоа е европска интеграција на дело, преку младите, образованието и знаењето.
 
Почитувани,
 
Нашата визија е јасна Македонија како држава што инвестира во младите, што создава можности и што гради европска иднина дома. Програмата Еразмус+ и работата на Националната агенција се клучен дел од таа визија.
 
Убеден сум дека програмските приоритети за 2026 година ќе бидат уште еден чекор напред кон поактивни млади, посилни институции и посигурна европска иднина на нашата држава.
 

Поврзани вести