
Со неизмерна чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја. Идејата која не прекинува, која не паѓа, која гори во срцата на секој од нас. ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка организација. Тоа е жив дух, потекло и продолжение на македонската борба за слобода и правда. Нашата партија, како легитимен и идеолошки наследник на историското ВМРО од 1893 година, го носи товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина. Од првите денови на Внатрешната македонска револуционерна организација, која се крена против неправдата и угнетувањето, па до денес, кога ние се бориме против невидливи, но не помалку опасни непријатели – корупцијата, предавствата и уништувањето на институциите.
Ние сме партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност. Партија во чии штабови, на чии настани се уште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, се уште се паметат херојските дела на Александро Турунчев, Ѓорче Петров, Карев. На овие темели градиме иднина. И затоа денеска, во ова време на надеж, ви велам – ВМРО-ДПМНЕ е светилникот што ја осветлува темнината која долго време ја покриваше нашата земја – изјави премиерот на Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва по повод 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, во Битола каде се одржува прослава под насловот “Идеја што не запира, вредности што носат промени”.
На прославата Мицкоски изјави:
Нашата држава беше предмет на долготрајно уназадување и разрушување. Седум години владеење на ДУИ и СДСМ кои оставија длабоки рани. Рани кои се гледаа во секоја институција, во секој агол од нашата Македонија. Корупција што ги рушеше темелите на правдата. Предавства што ги поткопаа државните интереси. Руинирање на институциите, со што нашите граѓани останаа разочарани и без надеж. Но силна решителност народот повторно ја зема власта во свои раце, а ВМРО-ДПМНЕ застана како вистински чувар на промените кои се неопходни. Целата наша енергија и секој наш чекор се насочени кон обновување и стабилизација на државата. Затоа, да не заборавиме – нашата фотелја не е крајна цел, туку должност. Должност кон народот, кон Македонија.
И немојте никогаш да забравите од каде потекнуваме, од каде доаѓаме и каде ќе се вратиме по сето ова. Најскапата работа што еден човек може да ја остави на своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот образ. Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите да заборават дека: макадамот по селата и улиците е повистински, и поавтентичен и помек од килимот по хотелите и канцелариите, заради реалноста која ја има во себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, заради тоа што таму извира твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба. Клупата во вашите маала е таму кај што мора да знаете дека еден ден пак ќе се вратите и ќе мора луѓето таму да ги погледате во очи и со гордо крената глава да им кажете, јас го направив тоа за вас, јас се борев за вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи.
Тој упати апел до сите партиски членови да не забораваат кои се, од каде дошле и кому му служат.
Несовесното седење во фотелјата носи срам и разочарување. Достојното и пријателско седење на столчето или гајбата пред кооперацијата, на клупата во маалото, носи пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата. Таму лежи основата на вистинската политичка иднина и на честа и на нашиот образ.
Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кој сте, од каде дојдовте, и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост, агонија од моќ и корист да го заматат погледот. Да демонстрираме волја и докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти како оние кои владееја со земјата во минатото.
За да демонстрираме одговорност како гарнитура и да покажеме разлика и тоа кои сме и за што се залагаме, јас нема да престанам да барам отчетност од секој еден од вас. Секое отстпапување од вредностите кои ги застапуваме нема да остане неказнето или неприметено. И ниту еден од вас не е незаменлив, колку и да е близок до мене. И мора да знаете ниту една ваша функција, ниту една позиција не ви е сигурна, и таму ќе бидете се додеа служите и заедно работиме за народот.