Skip to main content

Мицкоски: Пораките „ќе средиме“ и „ќе се јавам“ беа погласни од законот, тоа време е завршено

Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, на одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај. 

Мицкоски упати честитка до сите полициски припадници за нивната посветеност и храброст, испраќајќи порака дека во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност.

– Имаше време кога институциите се користеа за лични и политички интереси, а не за правда. Пораките „ќе средиме“ и „ќе се јавам“ беа погласни од законот. Тоа време е завршено. Сакам денес јавно и гласно да кажам дека во оваа држава нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите, без разлика дали станува збор за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнала до сите, до најмоќните и до најмаргинализираните, порача Мицкоски на свеченоста во Центарот за обука на МВР.

Претседателот на Владата истакна дека борбата со криминалот и корупцијата мора да се води со целосна посветеност и чисти раце.

– Денес испраќаме силна порака дека нема компромис со криминалот. Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце. Велат правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа. Наша задача е да и ги отвориме очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари, рече Мицкоски.

Оддаде почит кон припадниците на полицијата кои својата храброст ја покажуваат секој ден преку својата работа, но и кон оние кои го изгубиле животот вршејќи ја нивната службена должност.

– Храброста на нашите полицајци се покажува секој ден, во секоја интервенција и патрола, во секоја жртва дадена за да останеме сигурни. Не можеме, а да не се поклониме пред споменот на оние кои својата работа ја запечатија со животот. Нивните имиња се врежани во историјата, но нивните дела живеат во секој наш безбеден ден. Да не заборавиме, зад секоја значка стои семејство кое чека, се моли и се надева дека нивниот најблизок ќе се врати дома, рече Мицкоски.

И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски упати честитки до сите полициски службеници ширум државата, истакнувајќи ја нивната клучна улога во обезбедувањето на јавната безбедност. Министерот ја потенцираше сложеноста на современиот безбедносен контекст и предизвиците со кои се соочува полицијата.

– Овој ден е посветен на вас, на сите полициски службеници ширум Македонија, на луѓето кои секојдневно професионално се грижат за безбедноста на граѓаните, порача министерот, нагласувајќи дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината … Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било, истакна тој, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи активно соработува со бројни европски и регионални партнери

Поврзани вести