
Опозицијата и медиумите блиски до неа ја искривуваат вистината за средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на детска градинка во Теарце, Мицкоски рече дека средбата била исклучително квалитетна, содржајна и пријателска, а пораките што ги добил се мотив за продолжување на реформскиот процес.
„Јас кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она кое во иднина претставува посветеност лична и посветеност на ЕУ, мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот кој што следи“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Фон дер Лајен, според него, упатила позитивни оценки за работата на Владата во однос на реформите и евроинтегративниот процес.
„Претседателката Фон дер Лајен, како никогаш досега кажа дека оваа Влада прави инспиративна работа, еве да ја цитирам, за реформите и за сето она кое што е посветено на приклучување на државата кон ЕУ“, изјави премиерот.
Мицкоски очекува во периодот што следи да се интензивира процесот на европска интеграција и да се најде решение за актуелната состојба во која се наоѓа земјата.
„Очекувам дека во периодот кој што следи, конечно ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме“, додаде Мицкоски.

Македонски


