![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/kavadarczi.webp)
Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски денеска беа во работна посета на општина Кавадарци, извршија увид на неколку реализирани проекти, за кои кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека се битни и говорат за тоа дека подеднакво се развиваат урбаните но и руралните средини. Јанчев појасни дека во село Дабниште се работи на два проекта, канализациона мрежа со фекален колектор и прочистителна станица. Заедничка инвестиција на Владата, Општината и Министерството за животна средина.
Од Дабниште до Ресава во должина од 3.500 метри комплетно ќе се реконструира постоечкиот пат со негово проширување. За побезбедно движење и поголема достапност. Тоа се средства што ги добивме од унгарскиот заем, преку Министерството за транспорт и врски во вид на грант, појасни градоначалникот.
Тој додаде дека од грантот е и уште еден проект чија изведба беше посетена денеска, проект во село Ресава, изградба на нов пат до викенд населба Косовец на Тиквешки залив, со околу 200 викендички, што претходно добија вода за пиење и сега се прави пат.
Градоначалникот и овде најави канализација.
Со тоа комплетно ќе го заштитиме Тиквешкото Езеро од напади на фекални канализации, атмосферски влијанија, подвлече Јанчев, заблагодарувајќи се на поддршката.
![](https://mia.mk/articles/images/%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%B5%D1%80%D0%BE%D1%82%D0%BC%D0%B8%D1%86%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D1%86%D0%B5%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%B5%D1%80%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0%D0%BF%D0%BE%D1%81%D0%B5%D1%82%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BE%D0%BF%D1%88%D1%829lAfy/zNl11KH2B/large.webp?use_watermark=0)
Денеска свечено беше отворена и новоизградена спортска сала во село Возарци, инвестиција од 25 милиони денари општински средства, при училиштето.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски рече дека минатата година вкупно 1,1 милион евра преку Министерството биле доделени на општина Кавадарци за инфраструктурни проекти.
На наредната владина седница ќе се донесе одлука за дополнителни 1 милион евра за реализација на водоводни системи за две населени места во Кавадарци, истакна Николоски.
Тој додаде дека е објавен и вториот јавен повик и ги повика сите општини да аплицираат за нови неповратни средства за реализација на инфраструктурни проекти.
Минатата година вкупно 1,1 милион евра преку Министерството за транспорт беа префрлени на наменска сметка на општина Кавадарци, се реализираат веќе 5 проекти и сме во напредна фаза. За оваа година повикот беше отворен и очекувам во следниот период да дојдат апликациите, а она што можам да го најавам е дека на следната владина седница очекувам околу 1 милион евра дополнителни средства да поминат донација за водоводни мрежи кои што треба да бидат изградени, што ќе помогнат за подобрување на животот на граѓаните, нагласи Николоски.
Тој истакна дека интензивно се работи на делницата Дреново – Фариш.
На заштита на косини, на решавање на безбедносни проблеми и за многу скоро време можеме да видиме отворање и на таа делница, најави Николоски.
Задоволство изрази и премиерот Мицкоски.
Ние како Влада ќе продолжиме преку министерствата да помагаме во општините, бидејќи тоа е наша цел, да се гради, помалку да зборуваме, а повеќе да работиме. Да градиме нешто што им е важно на граѓаните, подвлече Мицкоски.