
Денеска, кога ја одбележуваме јубилејната година од основањето на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, на денот кога го славиме не само бројот на годините, туку и патот што го минавме како народ и како политичка сила, се чувствувам повикан и обврзан да зборувам за она што сме, што бевме и што ќе бидеме. Овој ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на заедништво.
ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и под притисоци, се бореше за свој идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност. Не треба никој да заборави дека тоа се темели изградени со човечки страдања, со крикот на илинденците и победата на АСНОМЦИТЕ, со заветот на комитите и војводите, со плејадата мажи и жени кои гинеле за нашата слобода, кои поразите ги надминувале со пркост, а до победите доаѓале со надеж и непобедлива волја. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер.
И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза -МАКЕДОНИЈА – истакна премиерот Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија.
Вечерва по повод 35 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, во Битола се одржува прослава под насловот “Идеја што не запира, вредности што носат промени”. На прославата Мицкоски изјави:
Во растењето на партијата, во нашите порази и победи се вклучени многу наши браќа и сестри. И оние кои се наши истомисленици, но и оние кои размислувале различно, но сепак ги споделуваат нашите идеи и во чии срце е ВМРО, сакам да испратам благодарност за нивната преданост и нивната искрена желба за Македонија.ВМРО-ДПМНЕ за многумина е партија, но и за многумина од нас е пред се идеја што не запира и вредности кои носат промени. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и уништувани. Но ние не се откажвме. Затоа што верувавме во нашата идеологија и затоа што ја сакаме нашата татковина.
Но, мораме да признаеме – периодот што го оставивме зад себе не беше лесен. Последните седум години беа години на катастрофално владеење од страна на ДУИ и СДСМ, полни со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, сега беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните паѓаше од ден на ден. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во владата пред една година беше повеќе од промена на гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и правда.
Ние не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија. Не!…Ние сме тука да направиме она што е правилно, да ги исправиме грешките и да ги санираме штетите од минатото.