
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека лично ќе се сретне и ќе разговара со родителите на загинатите и повредените.
-Јас се што можам ќе сторам и ќе разговарам лично со родителите и на повредените и на тие што трагично ги загубија своите најмили. Цела Македонија се уште болува и ова нема да биде болка која што ќе престане, но мора да се соочиме со тоа и да ги решаваме работите, не можат тие сами од себе да се решат. Свесен сум дека ќе има и такви политички структури кои на лешинарски начин ќе се обидат на трагедијата на овие луѓе да соберат политички поени, но и тоа е дел од нашиот живот. Важно е ние да сме трпеливи и да ги решаваме проблемите, па понатаму граѓаните се тие кои судат и носат одлуки – рече Мицкоски.
Тој потенцира дека владата континуирано ја следи состојбата во Кочани и ги решава нивните проблеми и посочи дека владата го решила проблемот на повредени деца кои не можеле да се вратат од лекување од Турција.
– Ние на дневна основа се соочуваме и решаваме проблеми кои се поврзани со случувањата во Кочани тука да немате дилема. Еве конкретно ќе ви кажам дечињата кои се враќаа пред два три дена од Анкара што имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул лично разговарав со еден од родителите со тие од најблиското опкружување и лично со претседателот Ердоган и се среди цела работа. Дечињата дојдоа тука, организиравме транспорт од аеродромот во болницата „Осми септември“ беа прифатени. На нивна одговорност не останаа на еднодневно мониторинг лекување излегоа од таму, така ќе биде и во периодот којшто следи. Оваа работа Ќе трае со години, оваа работа нема да биде работа која завршува – рече Мицкоски.
За неаргументираните обвинувања на опозицијата дека се води селективна истрага, Мицкоски посочи дека истрагата ја води Обвинителството и дека тој ниту се јавил, ниту комуницирал со некој обвинител.
-Тоа прашање ќе треба да го упатите во обвинителството бидејќи обвинителството ја води истрагата, не ја води владата, не ја водам јас. Ние преку Министерството за внатрешни работи постапуваме на основа на барање на Јавното обвинителство. Тоа што обвинителството го има како барање до МВР тоа е исполнето буквално во истиот момент. Јас нема да се мешам во истрагата, ниту пак сум се јавил кај некој на телефон ниту сум комуницирал со некој од обвинителството затоа што да не излезе дека премиерот врши притисоци во истрагата итн. Брифиран сум од страна на МВР за многу тековни активности, ова е прв приоритет. Јас не би се вплеткал во политички реторика ниту коментар на овие политички лешинари кои се обидуваат да заштитат криминогено однесување на некои претходни официјални лица во одредени министерства. Обвинителството е тоа, потоа судовите кога ќе има обвинение. Тие се оние кои треба да го кажат последниот збор и апелирам до сите политички чинители да ги остават судиите и обвинителите да си ја сработат работат – рече Мицкоски.