
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе ја посетат општина Кавадарци. Посетата е во рамките на теренските активности „Каде што срцето е дома“. Во фокусот се неколку значајни инфраструктурни и општествени проекти.
На пладне, ќе извршат увид во изградбата на нов кружен тек на регионалниот пат Росоман – Кавадарци, со вкупна површина од 2.700 м². Инвестицијата, вредна 3 милиони денари со вклучен ДДВ, е финансирана преку унгарски заем и грант од Владата.
Тие ќе присуствваат на официјално пуштање во употреба на реконструираната улица „8 Септември“, долга 2.500 м². Проектот вклучи комплетна замена на рабници, тротоари и двослојно асфалтирање, со инвестиција од 9,1 милион денари, обезбедени исто така преку унгарски заем.
Мицкоски и Перински ќе извршат увид и во активностите на Моклишкиот водовод. Се реконструираат каптажи од 1950-тите години и се гради мрежа од 6,5 километри. Инвестицијата изнесува 50 милиони денари, од кои 34,5 милиони се од Министерството за животна средина, а 15,7 милиони од Општина Кавадарци.
Преку иницијативата „Каде што срцето е дома“, Министерството за локална самоуправа го зајакнува дијалогот со општините. Целта е заедничко решавање на локалните предизвици преку искуства, идеи и предлози – со јасен фокус на одржлив развој и подобрување на квалитетот на живот за граѓаните.