Skip to main content

Мицкоски: Процесот мора да се води според мерит-систем, не според билатерални прашања

Во изјава на Самитот на лидерите на Западен Балкан во Тирана, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија очекува европските партнери да ја оценуваат според реалната испорака на реформи, а не врз основа на билатерални прашања.

„Во процес сме повеќе од 25 години, 20 години сме земја кандидат. Она што ние го доживеавме на европскиот пат не би сакал никој друг да го доживее. Кога исклучокот еднаш ќе стане правило, тоа потоа се користи од други земји членки и станува практика. Не гледам суштина ако билатералните спорови решаваат кој ќе стане членка на ЕУ“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека суштината мора да биде во резултатите:

„Испораката, реформите, чекорите што државата ги исполнува – тоа е основата. Доколку системот на оценување остане мериторен, убеден сум дека ќе бидеме меѓу првите кои ќе стигнат до конечната цел.“

Во однос на ставовите на европските институции, Мицкоски посочи дека фокусот на Владата е насочен кон реализацијата на обврските од Развојниот план. По паузата предизвикана од локалните избори, како што рече, Владата започнала со интензивна испорака.

„Очекувам до крајот на годината најмалку 8, а можеби и 10 од преостанатите 12 чекори да бидат реализирани. Два се проблематични“, истакна премиерот.

Првиот е субвенцијата за електрична енергија која, според него, не може да се укине без значително зголемување на сметките за домаќинствата:

„Ако ја укинеме, цената ќе порасне за 35 до 40 проценти. Тој чекор нема да го исполниме во овој момент.“

Вториот предизвик е адаптацијата на Изборниот законик, која, како што наведе, е блокирана со долгите парламентарни процедури и можноста за филибастеринг.

Мицкоски додаде дека сите останати обврски се остварливи и очекува да бидат завршени до крајот на годинава или во првите две недели од следната.

Поврзани вести