
Македонија нема да испраќа свои војници во Украина, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски, нагласувајќи дека државата никогаш не презела таква обврска и дека во моментов фокусот е ставен на поддршка на мировните напори и можната обнова на земјата по завршувањето на војната.
Одговарајќи на прашања поврзани со иницијативите за поддршка на Украина и состаноците на групата земји кои разговараат за активностите по евентуалното постигнување мир, Мисајловски потенцираше дека Македонија нема намера да испраќа воен персонал.
Ние никогаш не сме ветиле и никогаш не сме кажале дека македонски граѓани ќе одат. Тоа треба секој да го знае и многу пати сум ја давал оваа изјава. Македонски војници на украинско тло нема да има. Ние веруваме да има мировен договор, тоа е нашиот став – рече Мисајловски во гостување на Канал 5 телевизија.
Тој посочи дека Македонија разгледува можности за вклучување во меѓународни иницијативи преку трипартитни договори, со кои би донирала одредена опрема, а за возврат би добила поддршка преку соодветни фондови. Како што нагласи министерот, за ова веќе било разговарано и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одговарајќи на прашање дали можеме како земја членка на НАТО да одбиеме ако дојде такво барање, тој одговори дека тоа не е обврска што произлегува од Алијансата.
Ова не е обврска што произлегува од НАТО. Нема таква обврска. Станува збор за иницијатива на големите сили на Европа, Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се обидуваат како да придонесат повеќе за Европа и Украина – рече министерот.
Мисајловски додаде дека прво мора да се постигне мир, а дури потоа да се разговара за сите други аспекти на поддршката.
Во овој период има позитивни најави за можен напредок кон мирно решение. Добро е што се разговара за мир. Тоа е нешто што сите го посакуваме и поддржуваме – рече тој.

Македонски


