Skip to main content

Македонија на 112-то место според военото, економското и геополитичкото влијание

Глобалното воено рангирање, како што е определено од „Глобал фајерпауер“, е изразено преку индекс на моќност што нуди вредни сознанија за воените способности на нациите ширум светот. Ова рангирање се заснова на детална процена на повеќе од 60 фактори-критериуми што опфаќаат различни аспекти на воената сила на една нација. Индексот на моќност проценет од „Глобал фајерпауер“ е нумеричка оцена што ја претставува воената моќ на земјата. Понискиот резултат на споменатиот индекс на моќност укажува на посилна војска. Оттука, напоменуваме дека „совршената вредност на индексот на моќност би била 0.000“. Се разбира дека тоа, и според „Глобал фајерпауер“, е реално – недостижно. За издвојување е дека добиениот индекс на моќност за поединечните држави произлегува од сложени пресметки добиени од информации од јавни извори, како што се веб-порталот на ЦИА, социјалната мрежа Фејсбук, интернет-енциклопедијата Википедија и други. Напомена: Во рангирањето не се земени предвид нуклеарните способности на оценуваните држави.
Овој уникатен систем на рангирање зема предвид многу фактори-критериуми, вклучувајќи ги квантитетот и способноста на воените единици, финансиските ресурси наменети за одбраната, логистичките способности, географските фактори и многу повеќе. Една од најинтересните карактеристики на рангирањето направено од „Глобал фајерпауер“ е неговата способност да направи т.н. израмнување-воедначување на полето за игра. Што значи тоа? Имено, помалите нации со напредни воени технологии можат да се натпреваруваат на истата платформа како поголемите помалку технолошки напредни земји. Овој правичен пристап овозможува поизразено разбирање на воените способности на светско ниво.

Рангирањето на „Глобал фајерпауер“ е динамично и се развива на годишно ниво. Тоа вклучува специјални модификатори, кои дополнително ја подобруваат реалноста/објективноста во рангирањето. Овие модификатори ги калкулираат промените во воените стратегии, геополитичките промени итн. Во прегледот на „Глобал фајерпауер“ од 2024 година, 145 нации се оценети и рангирани врз основа на нивната воена сила.
Според „Глобал фајерпауер“, САД може да се издвојат со најмоќната војска во светот, а Русија и Кина следат тесно на втората и третата позиција. Истовремено, Индија е на четвртото место според воената моќ. Пакистан значително напредуваше, влегувајќи во првите десет воени рангирања, и тоа на деветтата позиција.
За потсетување, Македонија досега само осум пати беше вбројувана во рангирањата на „Глобал фајерпауер“. Првпат во 2017 година „Глобал фајерпауер“ ја рангира македонската војска на досега највисокото 116-то место на листата на држави.

Во наредната, 2018 година, АРМ беше сместена пониско за шест позиции, односно беше поставена на 122-то место на табелата. Во 2019 година АРСМ беше сместена, пак, на 118-то место, а во 2020 година беше позиционирана на 133-то место на листата на „Глобал фајерпауер“. Војската во 2021 година беше на 133-то место, следната 2022 година на 135-то место, во 2023 година на 108-то место на листата најмоќни војски во светот, во 2024 година на 110-то место, а годинава е на 112-то место.
Во меѓувреме, иако познавачите на случувањата очекуваа во новото рангирање нашата земја да се најде повисоко на табелата, бидејќи АРМ веќе повеќе години е дел од НАТО, што во практична смисла на зборот го зголемува индексот на моќта на нашата војска на глобално ниво, сепак и годинава не дојде до тоа. Македонија има 20 воени воздухоплови, од кои 10 хеликоптери и 10 авиони за вежби. Има и два јуришни хеликоптери. Тоа ја позиционира земјата на 103-то место според воздухопловната моќ. Буџетот за одбрана изнесува 388 милиони евра и со тоа земјата е на 112-та позиција од 145 земји. Армијата на Македонија има 20 тенка, 1.108 возила, 150 единици влечна артилерија, како и 17 единица ракетна артилерија.
Во нашето опкружување, односно во регионот, според „Глобал фајерпауер“,во моментов најмоќна е армијата на Бугарија, која се наоѓа на 62-то место. Веднаш зад неа е Србија (63-то место), потоа десетина места подолу е Хрватска на (74-то место), Албанија (78), Словенија (96), Македонија (112), БиХ (132), Црна Гора (127) и Косово, кое четврти пат се најде на листата и ја зазеде 141-та позиција. 

Поврзани вести