Skip to main content
ВЕТУВА МИНИСТЕРОТ АНДОНОВСКИ

Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе ги исполни обврските за укинување на роаминг

Pexels from Pixabay

 Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. 

Во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21, тој објасни дека граѓаните нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет додека патуваат во земјите од Европската Унија.

– За роамингот ветив – ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието, изјави Андоновски.

Министерот додаде дека пред две недели добиле нови прашања од Европската Унија, но дека планот останува непроменет и земјата е подготвена да ја финализира законската регулатива за укинување на роаминг трошоците.

Во контекст на ЕУ интеграцијата, пак, Андоновски истакна дека државата не се откажува од европскиот пат, но нагласи дека секој следен чекор мора да биде проследен со јасни гаранции.

Посочи дека земјава активно работи на реформите и ги исполнува обврските кои ѝ се поставени.

– Не би можел да кажам дека се откажуваме од ЕУ, колкав напредок имаме направено дома во врска со реформите, можам да кажам дека ги исполнуваме задачите кои ни се дадени како државата. Нашиот став е принципиелен и се држиме дека било каква промена и чекор од македонска страна ќе мора да биде со гаранција. Немаме отпочнато преговори, не отвораме кластери, а од нас цело време се бараат некои отстапки, на штета на македонските национални интереси, изјави Андоновски

Поврзани вести