Skip to main content

МАЕИ презентираше Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија

 Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија, беше презентирана на денешната средба во Корча, организирана од македонската партија, МАЕИ, со претставници на македонските парламентарни партии, која, како што сe наведува, има за цел да дефинира долгорочни мерки и активности за поддршка на македонското национално малцинство во Албанија преку институционални, дипломатски, културни и економски механизми.

Македонското национално малцинство во Албанија е составен дел од македонскиот народ, со трајни историски, културни и духовни врски со својата матична држава. Зајакнувањето на неговата положба, правата и културниот развој е од стратешко значење за Македонија, со оглед на нејзините обврски како матична држава и согласно меѓународните универзални стандарди за заштита на националните малцинства, рече партискиот лидер Васил Стерјовски, при презентацијата на стратегијата и барањето поддршка за неа.

Според него, цели на стратегијата се обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Албанија, поддршка за целосна примена на законските права на Македонците во Албанија согласно меѓународните стандарди (ОБСЕ, Совет на Европа, Повелбата на ООН…) и поттикнување на процеси за признавање и официјално евидентирање на македонското малцинство во региони каде што постои, но не е признато.

Во стратегијата, опфатена е и јазичната и образовна поддршка, а тоа е повторно отворање на училиштата на македонски јазик во областа на Голо Брдо и иницирање на отворање на училишта на македонски јазик во областа на Гора, доделување стипендии за студенти од македонското национално малцинство за студирање на универзитетите во Албанија, како и стипендии за постдипломски и докторски студии, подготовка на учебници на македонски јазик за училиштата во Албанија, во согласност со наставните програми коишто би ги печатела албанската држава.

Në takimin e sotëm të organizuar nga partia e vetme maqedonase në Shqipëri, Aleanca Maqedonase për Integrim Evropian (AMIE) e cila mbahet në Korçë, ka pasur fjalim lideri i saj Vasil Sterjovs

Стерјовски посочи дека се бара од Албанија, согласно меѓународните конвенции, да обезбеди услови за изучување на македонскиот јазик во сите средини каде што живеат Македонците.

Доделување на петгодишни стипендии за студенти од македонското малцинство за запишување на програмата „Албански јазик и книжевност и јазикот и културата на малцинствата“ на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, каде како изборен предмет може да се изучува македонскиот јазик и култура и петгодишни стипендии за студенти од македонското малцинство за запишување на Универзитетот во Тирана, на Лекторатот на македонски јазик, додаде тој презентирајќи ја стратегијата.

Што се однесува до културната поддршка и зачувување на националниот идентитет се бара поддршка за културни манифестации, фестивали и настани поврзани со македонското културно наследство, подготовка на годишни програми за издавање на книги, списанија и медиуми на македонски јазик во Албанија, како и помош за отворање на радио станица на македонски јазик.

Во однос на дипломатска заштита и лобирање, бараме правата на Македонците во Албанија да биде едно од главните прашања за македонската дипломатија во билатералните односи, Македонија максимално да се ангажира во меѓународни организации за заштита на правата на македонското малцинство, дипломатски активности за подобрување на односите со локалните власти во Албанија во интерес на Македонците, збратимување на Битола со Корча како исчекор, како и отворање генерален конзулат на Македонија во Корча како директен канал за комуникација и поддршка на Македонците во тој регион, посочи Стерјовски.

Како петта стратешка точка е економска поддршка и локалниот развој, каде се наведува дека се бара политика на поддршка на македонски инвеститори да инвестираат во регионите каде живеат Македонците во Албанија, помош за развој на туризмот покрај Преспанското езеро, изготвување програма за прекугранична соработка со Албанија во деловите каде живеат Македонците, со поддршка на Европската унија.

Кога станува збор за зголемување на прекуграничната соработка се бара обезбедување 24-часовно функционирање на граничниот премин Џепиште-Требиште, кај Дебар, кој сега е од локален карактер, што е клучно за Македонците во Голо Брдо, со оценка дека овој чекор ќе го олесни нивното движење и ќе има позитивен ефект врз економската и социјалната состојба во регионот.

МАЕИ во име на Македонците бара поедноставување на процедурите за македонско државјанство, тука секако обезбедување на едноставни процедури за Македонците во Албанија да стекнат македонско државјанство и патни исправи на транспарентен начин на семакедонска основа и без мешање на партиите, како и Прашањето на македонските малцинства во соседните земји да биде преку национален консензус а не меѓупартиско натпреварување или конфронтирање.

Во текстот на стратегијата се дава и предлог за нејзино спроведување.

Формирање на Совет за поддршка на македонското малцинство – тело во рамките на Владата на Македонија кое ќе ги координира активностите за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија, создавање на Фонд за поддршка на македонските здруженија во Албанија – финансиска поддршка за организации кои работат на зачувување на македонскиот идентитет, култура и јазик. Интензивна комуникација со македонските политички претставници во Албанија – редовна соработка со Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена партија што ги застапува Македонците во Албанија. Развој на проекти за културна размена и соработка – подготовка и спроведување на програми кои ќе овозможат поблиска соработка помеѓу македонските заедници во Албанија и институциите од Македонија. Организирање на годишни програми за културни гостувања – поддршка на настани и манифестации во општините каде што живее македонското малцинство во Албанија, рече Стерјовски.

Тој посочи дека се потребни иницијативи за побратимување на македонски со албански општини – поттикнување на соработка меѓу македонските општини во Македонија и оние во Албанија каде што живеат Македонци, со цел зајакнување на културните, економските и општествените врски.

Стерјовски смета дека е потребна дипломатска ангажираност за 24-часовно функционирање на граничниот премин Џепиште-Требиште – иницијатива за олеснување на прекуграничното движење, што ќе има позитивен ефект врз економската и социјалната состојба на Македонците во Голо Брдо.

Се оценува дека оваа предлог-стратегија треба да послужи како основа за изработка на долгорочен план, кој ќе вклучува годишни програми за заштита и унапредување на правата на македонското национално малцинство во Албанија.

Нејзината реализација треба да започне со усвојување на обврзувачка декларација во Собранието на Република Македонија, по можност поддржана од сите политички партии. Доколку не се преземат итни и одлучни мерки, процесот на асимилација на Македонците во Албанија ќе продолжи со истата жестина како досега. Дополнително, бугаризацијата, која во последниот период се засили, ќе добие уште поголем замав, загрозувајќи го идентитетот и опстојувањето на македонската заедница во Албанија, се констатира во стратегијата.

Како што информираат од МАЕИ, на денешната средба во Корча, стратегијата ја поддржале сите претставници на парламентарните политички партии, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Демократски сојуз и Левица. На средбата присуствуваа Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО ДПМНЕ, Методија Илиевски од СДСМ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитриевски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија.

Од страна на МАЕИ присутни беа претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана. 

Поврзани вести