Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со Деканот на Филозофскиот факултет-Скопје, проф. д-р Оливер Бакрески и Вишиот специјалист за образование од Светска Банка, Бојана Нацева присуствуваа на средба со Консултативната работна група за ран детски развој во присуство на декани од педагошките факултети во државата, професори, експерти, вработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Проектната единица на министерството.
На средбата беше претставена предлог-програмата за „Иницијално образование“, преку отворена дискусија беа разменети мислења од искуствата на факултетите кои веќе ја имплементирале програмата и се предложија идните чекори.
Министерот Лимани во своето обраќање пред присутните изрази задоволство од денешната средба која има за цел преку заедничка работа, да се усогласат студиските програми на педагошките факултети, кои се клучни за обезбедување на квалитетни услуги во предучилишното згрижување и воспитание, но и за унапредување на професионалните компетенции на воспитувачите во Република Македонија.
„Децата се нашата иднина и секогаш ќе останат во фокусот на нашето внимание. Со оваа реформа имаме за цел да создадеме современ профил на дипломиран воспитувач, кој ќе биде во согласност со потребите на современите деца и ќе поседува знаења и вештини кои одговараат на најновите педагошки стандарди,“ посочи Лимани.
Новиот понуден пристап овозможува, унифицирано јадро на клучни предмети, со што ќе се дефинира единствен национален профил за воспитувач, подобрување на практичната настава и зајакнување на критериумите за избор на ментори и градинки, како и зголемување на националната академска мобилност.
„Воспитувачите се клучни личности кои работат со нашите најмлади во предучилишните установи и ги поставуваат темелите за нивниот образовен и личен развој. Тоа е првото место каде детето, по семејството, ќе биде насочено и поддржано да го оствари својот целосен потенцијал. Ние како Министерство имаме обврска да обезбедиме соодветна подготовка на идните воспитувачи, кои ќе играат клучна улога во формирањето на идните генерации,“ истакна Лимани.
Тој изрази увереност дека преку заедничка соработка ќе се овозможи изградба на одржлив систем кој ќе ги подготви студентите за реалните предизвици во праксата и ќе постави цврсти темели за идниот развој на воспитно-образовниот процес во нашата земја.