
Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е во посета на Меѓународниот саем за одбрана и вооружување DEFEA 2 што се одржува во Атина, попладнево оствари средба со началникот на Националната одбрана на Грција, Димитриос Хупис.
На средбата, како што попладнево соопшти Генералштабот на Армијата, било изразено уверување за продолжување на континуираната меѓуармиска соработка, особено во доменот на воената едукација, обука на специјалните сили, учество на вежби и меѓународни операции, како и за процесот на стандардизација во НАТО.
Генерал Лафчиски изразил благодарност за несебичната помош од страна на Грција, која ги понуди своите специјализирани капацитети за лицата на кои итно им беше потребен висококвалитетен медицински третман по пожарот што се случи во Кочани.
– Тоа претставува вистински одраз на солидарност и пријателство меѓу две соседски земји, оценил генерал Лафчиски.
Претходно, во разговор за МИА, генерал Лафчиски оцени дека имаме плодна соработка со Грција и дека таа е наш голем поддржувач по многу основи.
Атина секои две години е домаќин на Меѓународниот саем за одбрана ДЕФЕА 2025, а оваа година учествуваат 436 изложувачи од 37 земји, 18 меѓународни павилјони од клучни глобални играчи, 98 официјални делегации од министерствата за одбрана и вооружените сили.