
Болката е огромна, раните се свежи, а нашата примарна обврска е да покажеме почит кон жртвите и да дадеме поддршка на нивните семејства.
Во овие денови на тага, сведоци сме на силен граѓански порив за оддавање почит и изразување на револт. Ги охрабруваме сите граѓани да се соберат и да изразат солидарност, да го споделат своето чувство на загуба, но и да постават прашања за одговорноста – нешто што и ние самите го чувствуваме и за што искрено се бориме.
Во вакви тешки моменти, најважно е да останеме обединети во достоинството и во почитта кон жртвите. Истовремено, чувствуваме и одговорност да предупредиме дека постојат поединци и одредени структури кои сакаат оваа трагедија да ја искористат за други цели.
Важно е да нагласиме дека ова не е политичко прашање, ниту е насочено кон било која партија. Говориме за поединци кои, се обидуваат да ја искористат оваа ситуација. Сепак, веруваме дека мнозинството граѓани и политички субјекти имаат чесен пристап и искрена намера да сочувствуваат со болката што ја делиме сите ние.
Ја даваме оваа изјава со најголема одговорност, водени од грижата за нашето општество, а не од желба за поделби. Народот доволно пати од кризи и од несреќи, затоа мора да бидеме внимателни и да се погрижиме фокусот да остане на вистинските приоритети – поддршка на жртвите, расветлување на сите околности и преземање мерки за никогаш повеќе да не ни се повтори ваква трагедија.
Без никакви компромиси, институциите мора да ја вршат својата работа, со целосна одговорност и почит кон законот. Ако после ваква трагедија не се случи темелно преиспитување на начинот на функционирање на системот, тогаш како држава ќе изгубиме многу повеќе.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека како демонстрирање на одговорно однесување во вакви суштински моменти е императив за сите функционери во државата. Тие имаат обврска да покажат дека политиката може да функционира поинаку – со почит, со чесност и со вистински вредности во секоја ситуација.
Функционерите имаат обврска да бидат пример за одговорност во периодот што следува, да покажат дека чесноста и вистинските вредности можат да направат разлика во македонската политика.
Повторно нагласуваме: го поддржуваме и го охрабруваме секој граѓанин да излезе и да ја изрази својата почит и својот став. Важно е да бидеме заедно во овие моменти, но уште поважно е да внимаваме. Ова не смее да биде момент за лични или политички калкулации, туку момент кога ќе останеме на страната на вистината, на правдата и на човечката солидарност.
Наш приоритет е вистината, правдата и сплотеноста на народот. Македонија мора да покаже достоинство во овие моменти и да остане на страната на оние што вистински тагуваат и бараат одговорност, а не на оние што размислуваат само за себе.
Не се сомневаме дека некои поединци поврзани со опозициските структури ќе продолжат со тие луркативни игри. Но ние не се занимаваме со нив туку со борбата во која мора да победат луѓето против нелуѓето.
Системот не е апстрактен поим, тоа е чудовиште создадено со луѓе со име и презиме и ние ги охрабруваме институциите да се борат без милост. Затоа што после ова ако ова сега не успее сега, нема да ни ја биде државата. Македонија мора да победи. Чесните и доблесни луѓе мора да победат.