Skip to main content

Кој како дојде од ЕУ ни повторувa дека „сега е моментумот“ и „знаете што треба да направите“

Би сакале да ја видиме Македонија како дел од следната група земји што ќе станат членка на ЕУ. Знаете што треба да се направи, а ние сме тука да ви помогнеме и да ве поддржиме тоа да се случи, истакна аавчера данската амбасадорка за земјава со седиште во Белград, Перниле Деилер Кардел, претставувајќи ги приоритетите на данското претседателство пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.

Досега сме виделе многу земји кои го претставувале своето претседателство со Унијата со буквално истите зборови.


„Сега е моментумот“,„Знаете што треба да направите“ „Од вас зависи“, „ЕУ го поддржува членството на Македонија но притоа нагласува дека мора да се најде решение за спорот со Грција“. Истите фрази се користат и денеска само што сега зборот Грција се замени со Бугарија.

Од 2004 година се сменија пет комесари за проширување, уште толку високи претставници за надворешна политика , а Македонија е вечен кандидат за членство.Сите комесари за време на својот мандат барем еднаш ја посетија Македонија и беа запаметени со по некој скандал или „умна“ мисла.

Одиме по ред

Финецот Оли Рен на фин начин покажуваше на својот часовник и на прашањето кога Македонија ќе добие датум за преговори, одговори со анегдота за финскиот композитор Јан Сибелиус.

Кога рано наутро неговата сопруга го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус ѝ одговорил: „Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор“.


Рен сега е банкарски службеник во својата Финска и никој жив не се сеќава дека некогаш бил дел од европската политика.

По Рен го имавме Штефан Филе. Овој Чех ќе биде запаметен по т.н дијалог на високо ниво. Демек не преговараме со ЕУ ама нешто преговараме. Се разбира дека од тоа немаше ништо. Тоа беше уште еден експеримент врз Македонија.

По него дојде Јоханес Хан кој сакаше работите да ги решава на балкански начин. Тој ќе остане познат како еден од креаторите на Договорот од Пржино со кој почна разнебитувањето на Македонија.


Потоа дојде Оливер Вархеји кој постојано повикуваше на уставни измени кои едноставно мора да се случеле.
И на крај дојде Марта Кос кој ќе остане запаметена што македонскиот идентитет го спореди со тавче-гравче, погача и пинџур.

Ништо подобри за Македонија не беа ни Високите претставници за надворешна политика на ЕУ.


Од Хавиер Солана кој бараше брзи реформи оти сега бил моментумот за проширување, до Федерика Могерини која се мешаше во внатрешните работи на Македонија и бараше уставните измени.


Солана сега е пензионер, а за Могерини нема информации дали и воопшто нешто работи.

Игор Чавески

Поврзани вести