Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување во своето гостување во тема на денот на Сител телевизија во однос на актуелната состојба со онкологија информираше дека Клиниката работи на регистарот на пациенти, кој е првиот чекор.
Вториот чекор е документирање и подобрување на работата на стручната комисија за одредување на терапијата.
Таа треба да биде филтерот за подобноста за терапија зашто не сите пациенти се подобни за дел од оваа биолошка терапија зашто за тоа треба соодветни хистопатолошки и генетски испитувања, кажа Клековски, појаснувајќи дека мора да има јасни критериуми за вклучување во терапијата, а понатаму е естимација на бројот на циклуси потребен за терапијата.
Не некои пациенти им треба помалку, на некои поциенти повеќе, но мислам дека можеме да направиме една предвидливост во системот и секако мора значајно да се зголеми буџетот за терапија.
Јас одговорно тврдам дека ќе имаме и поголем буџет за набавка на лекови и лековите ќе бидат по пониски цени отколку досега што ќе овозможи волуменот да се зголеми дополнително. Имаме годишен раст од 5-7 отсто на бројот на пациенти годишно на рак, а Клиниката за онкологија е иста како и пред децении и инфраструктурно и со човечки капацитети. Проблемот расте, а капацитетот останува ист. Таму ни треба комлетно нов план и ние работиме на тоа, посочи тој.
Клековски посочи дека првиот чекор е дијагностицирање, со Институтот за патологија и во моментов се мапираат капацитетите за хистопатолошки и молекуларни истражувања, се лоцираат тесните грла со цел да се скрати времето на чекање значајно, значи резултатите да бидат во најкраток можен рок.
Исто така, рабoтиме на зголемување на капацитетот на ПЕТ скен, од 2000 пет скена, веќе е зголемен капацитетот на 3000 годишно, се надеваме дека ќе можеме и да го дуплираме со нов апарат во некоја непосредна иднина. Ова е потребно за дијагностика, но и за контрола на терапијата. Ова се е неопходно за да дојдеме до терапијата. Мора да направиме децентрализација на системот, час поскоро некои од поевтините цитостатици во таблетарна форма ќе ги ставиме на позитивна листа за да може пациентите да ги подигнат во аптеките, да не мора да доаѓаат на Клиника и час поскоро мора да станат оперативни ГОБ “8 Септември”, болниците во Штип, Битола и Тетово и пациентите да не мора да патуваат, заклучи Клековски.