Skip to main content

Кедев за Република: Се повлеков од Здравствениот совет на министерот Алиу

Професорот и академик, кардиологот Сашко Кедев, се повлекува од Здравствениот совет при Министерството за здравство. Ова за „Република“ го потврди самиот Кедев.

Причина за повлекувањето од советник на актуелниот министер за здравсрво, Азир Алиу, е застојот во започнатите контролни процеси поврзани со скандалот со кардиоваскуларните интервенции. Станува збор за тешки и скапи интервенции извршени кај пациенти на кои, според наодите, не им биле потребни.

Засега нема потврда дали и кога ќе започне со работа комисијата со странски експерти, која беше најавена за расветлување на случајот.

Доктор Кедев реагира дека во контролните процеси не биле вклучени соодветни и компетентни кадри со докажан стручен и професионален кредибилитет. Наместо тоа, биле ангажирани интернисти и доктори по судска медицина.

Скандалот со непотребно направени интервенции во приватни болници претходно го потврди и самиот Кедев. Во интервју изјави дека кај дел од пациентите, по контролни прегледи, било утврдено дека не постоела медицинска потреба за тешки интервенции. Иако за нив биле исплатени значителни средства од Фондот за здравствено осигурување.

Од Министерството за здравство засега не ја потврдуваат причината за повлекувањето на кардиологот Кедев.

Поврзани вести