Skip to main content

Kaј селото  Наколец во Преспанското езеро пронајден  откриен редок органски материјал

 НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, во рамки на проектот ACT4PRESPA ги реализираа првите подводни археолошки истражувања во Преспанско Езеро и со цел да се идентификуваат, документираат и заштитат археолошките богатства во, и околу езерото.
Во првите две фази стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје од границата со Грција до границата со Албанија, и при тоа беа детектирани и документирани 11 археолошки локалитети, информираа од НУ Завод и Музеј-Битола.

-Локалитетот во близина на селото Наколец, се покажа како најрелевантен за понатамошно истражување, по што започнаа сондажните археолошки истражувања, кои исто така се реализираа во два циклуси. Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати, истакна Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.

По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи да се извршат сондажните археолошки истражувања на локалитетот во близина на село Наколец.

– При истражувањата беше откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Посебно внимание привлече пронаоѓањето на предмети изработени од органски материјали дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Ваквите наоди се прв и единствен пример, на зачувани предмети од органски материјали од локалитет кој е датиран во временската рамка од крајот на XIII па сѐ до крајот на XIV век. Локалитетот кај село Наколец, претставува прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија датиран во периодот на XIV век. Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање. Тоа ни овозможува уникатен увид во минатото на заедниците, посочи објаснува Петров.

Истражувачкиот тим соопшти дека првичните анализи упатуваат дека средновековните жители во Преспа, главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, факт кој изненадува со оглед на близината на езерото и дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало. 

Поврзани вести