Skip to main content

Јаневска: Наставниците трпат притисок од родителите за децата да им бидат „скроз одлични“, оценувањето мора да се промени

Квалификациско тестирање е по закон и е предвидено со Конкурсот за упис на ученици, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакции на родители дека во средното училиште „Геогри Димитров“ во Скопје било спроведено „вонредно тестирање“ за прием на ученици во прва година во учебната 2025/2026 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска рече дека родителите и учениците треба да знаат за она што е предвидено со конкурсот – квалификациско тестирање кога има повеќе заинтересирани кандидати отколку што има слободни места, доколку сите имаат еднаков успех од завршеното основно образование.

Притоа посочи дека проблем во државава е оценувањето и успехот со сите петки и дека често наставниците трпат притисок од родителите за децата да им бидат „скроз одлични“. Тоа, рече Јаневска, води кон неквалитет во образованието. Порача дека оценувањето треба да се промени, а една од алатките е новината во новиот закон – наставничкиот совет да нема надлежност за поправање оценки.

Наставниците и родителите треба да се свесни дека има реално рангирање на знаењето. Тие што имаат знаење, ќе бидат запишани, тие што ќе бидат со помалку бодови имаат шанса на второто пријавување на 30 јуни да се запишат во средно таму каде што има слободни места – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање на панел-дискусија по повод една година од мандатот на оваа Влада.

Според информациите што ги има, рече, немало пријава или жалба за квалификациското тестирање во „Георги Димитров“ кое, исто така, било спроведено уште во едно средно училиште во Скопје.

Вчера сите пристапиле на испитот, немало никакви проблеми и немаше пријава или жалба за спроведувањето. Колку што ми е познато, сношти во рок се објавени резултатите – додаде министерката за образование и наука.

Прашана дали во нашиот образовен систем може да се воведе хоум скулинг како начин на настава. Јаневска одговори дека во овој момент нема реални можности ниту потреба да се спроведе, освен за деца за кои е неопходно, за што МОН подготвува проект кој наскоро ќе го промовира.

Затоа што кризата во короната покажа дека нашите ученици, родители и помал број наставници не се спремни за такво нешто, за онлајн настава нема ни услови во домот, ниту нашите наставници се обучени – рече Јаневска

Поврзани вести