
Многу внимателно го работевме законот за верските училишта односно законот за проодност на учениците од верските училишта, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со законот, усвоен во Собранието на 29 јули, кој им овозможува на учениците од овие училишта да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите како и учениците од другите видови образование – гимназиско, стручно и уметничко.
Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција посветена на резултатите од државната матура, Јаневска посочи дека консултурале многу литература и закони од околните држави – Бугарија, Србија, Албанија, Хрватска, Словенија, како и од Германија и Англија и земји од ЕУ.
Видовме дека тие држави на многу сличен начин го решаваат верското образование кај нив самите. Се потрудивме да го направиме да биде уставен и, ако добро го читате законот, нема мешање на државата во верското образование, односно овој закон не ја нарушува секуларноста на државата. Но, за тоа образование, за да може да обезбеди проодност на учениците понатаму на висоокообразовните институции, државата дава предлог како може да се направи. Доколу верските училишта сакаат, ќе го почитуваат законот и ќе можат учениците да пристапат кон полагање на државна матура со што би можеле да продолжат и на другите факултети освен на теолошките – рече Јаневска.
Додаде дека доколку училиштата не одберат да работат по овој закон, „тие се сосема одвоени, ќе си имаат само верско образование“.
Водевме многу сметка да нема преклопување на ингеренциите, рековме дека како држава ќе им понудимке можност со наставни програми, ќе им ги понуди Бирото, со кои учениците би можеле да ја положат државната матура. Ако ги прифатат, учениците ќе може да положат матура, учениците што нема да положат државна матура, нема да можат да го продолжат образованието на другите факултети освен на теолошките факултети. Во согласност сме со законите во околните држави и сметам дека крајно време беше и овој проблем да се реши. Како што сум информирана, 12 години се работи на овој проблем, имавме едно несреќно, неуставно решение кое Уставниот суд го поништи. Пратениците го прифатија овој закон, го подобрија, за што им благодарам. Се надевам дека ќе има успешна имплементација на овој закон кој ќе важи од 2025-2026 година – истакна Јаневска.