Skip to main content

Јаневска: Учениците ќе бидат поуспешни со новата Концепција за гимназиско образование

Ако кажеме дека поединечно, Етика и Логика ги нема, но има Филозофија во која може да се предаваат и Етика и Логика. Од тука, не гледам дека е тоа сериозен проблем, вели во разговор за Гласот на Америка, министерката Јаневска за критиките кон новиот Концепт за гимназиско образование

На прво место ќе дојдат афинитетите на учениците, а со тоа и подобар успех за македонското образование, вели Јаневска.

Причините за промената на концепцијата на гимназиското образование, објаснува Јаневска, е тоа што таа 24 години во Македонија не е променета. Целото општество се согласува дека е потребна промена, додава таа, додавајќи дека токму затоа Министерството заедно со Бирото за развој на образованието, понуди Предлог концепција за новото гимназиско образование.

Како што објасни, во оваа концепција во центарот е поставен ученикот, неговите афинитети кон одредени предмети или кон одредени полиња, области кои ќе побудат кај него интерес и желба за учење.

Познато е дека, за жал, нашите ученици не покажуваат добри резултати на меѓународните, па и на домашните тестирања. Сакавме да направиме концепт кој ќе ги предизвика учениците за да се зафатат за она што тие сметаат дека имаат компетенција, па дури и да е само нивна желба за понатамошно образование. Секако тие што треба да им помогнат, стручните соработници, кариерните советници, би можеле да ги насочат во кој правец треба да се движи нивното понатамошно образование и тоа треба да го направат. Се надеваме дека со еден таков концепт учениците кои пројавуваат интерес за одредени предмети ќе покажат и подобар успех, затоа што со желба ќе ги совладуваат знаењата и вештините и компетенциите од тие предмети. Оттука понудивме пакети во кои, би рекла дел од природно математичките (математика, физика, хемија), дел од општествените (биологија) и хуманистичките науки (историја, географија) ќе одат со продлабочени знаења. Потоа со базични знаења понудивме и повеќе други предмети, во 3. и 4. година да бидат изборни, слично на „IB“ програмата. За разлика од тоа, во 1. и 2. година децата имаат обврзувачки курикулум. Каде што треба да ги стекнат сите базични знаења од сите области кои се предвидени. Поентата е дека тоа што концепцијата насочува кон еден фокус се афинитетите на ученикот и од тука очекуваме негова негов поголем ангажман, постигнување на знаење и постигнување на подобри резултати, вели министерката.

Поврзани вести