
Владата почнува со оптимизација на училишната мрежа, која е неопходна. Со помош на УНИЦЕФ се прави обид да се спроведе во изминатите седум години, но никој не ја почнал. Нема отпуштање наставници, туку само прераспределување на часовите за сите да имаат оптимален број. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на прашање на претничката Даниела Николова од СДСМ на собраниска седница.
Независниот синдикат очигледно не го прочитал законот, а излегол со соопштение. Законска основа за прераспредување на наставниците во помошници на своите колеги за децата со посебни потреби постои и не е преименување во образовен асистент, тие се редовно вработени, ќе си примаат плата како наставници, само ќе учествуваат во наставата како образовни асистенти. Тоа е напишано во законот со нивна согласност ако немаат доволен број часови, токму за да не ги изгубат работните места, а ние сме побарале од ресурсните центри да кажат колку треба за да ги удомиме првин наставниците, а не да вклучуваме луѓе од надвор за да може тие да имаат сигурност и плата – рече Јаневска.
Во врска со тоа дали има изработена анализа за оптимизацијата, рече дека УНИЦЕФ ја изработил пред седум години.
МОН, посочи министерката, заедно со УНИЦЕФ ја адаптира, УНИЦЕФ е на терен, нашите луѓе се на терен, но ние не можеме како Министерство арбитражно да носиме одлуки. Таа појасни дека училиштата се на општините.
Според неа, да не се полнело образованието како што се полнело во изминатите години, да не се удомувале луѓе со лажна надеж дека некогаш ќе бидат вработени при очигледно намалување на бројот на ученици во земјата, сега немало да бидеме во оваа ситуација.
Не станува збор за отпушање наставници. Станува збор за прераспределување на часовите за сите да имаат оптимален број. Дополнително, пет години велат дека треба да има едносменска и целодневна настава и вие ја поддржувате за да може двајца наставници да работат во едно одделение. Бирото за развој на образованието е на терен да ги обучи како треба. Ниту наставниците преземаат посебна акција, не дека не слушнале, не дека не се обучени, не дека немало состаноци, но мора со општините да бидеме во координација за да знаат како тоа да го направат – истакна Јаневска.
Таа потенцира дека имаат план, новиот е-дневник ги има сите податоци, ги спроведуваат и неопходно е да се направи оптимизацијата. Сто четириесет и седум училишта сами се затворија без оптимизација, ниедно запишано дете, рече Јаневска и додаде дека притисокот е само во големите градови.
Има ли логика да имаме училиште со пет деца наместо да дојдат со наставниците во централното училиште и да имаат целодневна настава за два наставника. Значи, ако споите две одделенија во едно, двата наставника ќе работат во едното одделение, двајцата ќе си ја заработат платата и ќе постигнат подобар успех од овој што сега го имаме – последни на ПИСА. Овој процес требаше и вие да го почнете во претходната влада за да биде безболен. Секторите, луѓето, УНИЦЕФ, општините – го правиме тоа постепено и се трудиме да го надоместиме времето за пензионирање. Значи, како ќе се пензионираат наставниците, така другите ќе си остануваат. Нови вработувања нема – нагласи Јаневска.

Македонски



