
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е потсетник дека секој има обврска да се грижи за зачувување и развој на основното идентитетско обележје на својот народ и комуникациско средство без кое не е можно пренесување на традицијата, културата и вредностите кон секоја следна генерација, истакна во честитката министерката за образование и наука Весна Јаневска. И Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, единствената партија на Македонците во Албанија, упати честитка по повод 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, порачувајќи дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија”. По повод овој ден денеска беа избрани најуспешните ученици од повикот на Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ) за творби на мајчин јазик.
Во објава на фејсбук по повод овој ден кој во 1999 го востанови УНЕСКО, Јаневска го честита денот и посочува дека Владата, делувајќи преку надлежните институции, е „одлучна да гради општество кое го почитува правото на говорење и изучување на мајчиниот јазик и култура на сите заедници“.
„Особено важно е формалното образование да се одвива на мајчин јазик, бидејќи тогаш процесот е најефикасен. Македонија е единствената земја во која наставата во училиштата се одвива на пет јазици, а јас уверувам дека ќе останеме посветени на унапредување на нејзиниот квалитет. Имаме план и тој етапно се реализира. Честит 21 Февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик“, напиша Јаневска на нејзиниот фејсбук-профил.
МОН објави дека нашата држава е единствена каде што наставата се одвива на пет јазици – македонски, албански, српски, турски и босански.
„Поддршката за учење на мајчин јазик е од клучно значење за подобрување на резултатите од учењето, подобро разбирање на содржините и стекнување вештини за критичко размислување. Министерството за образование и наука и понатаму ќе креира политики за унапредување на меѓуетничките односи во државата преку образованието. Мултиетничка, мултикултурна и мултијазична држава како нашата, може да се гради со почитување на правата на сите граѓани, од една страна, но и со нивно активно учество во градењето заедничка иднина во која заедничките вредности се темел на напредок и развој“, наведе МОН.
И Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, единствената партија на Македонците во Албанија, упати честитка по повод 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, порачувајќи дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија”.
Во честитката се додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.
„За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити“, се наведува во честитката.
Во овој контекст, оценува партијата, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.
„Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во оваа точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик“, се нагласува во честитката.
Се нагласува дека освен тоа “и ние како поединци можеме да направиме промена ценејќи го и користејќи го нашиот мајчин јазик”.
Образложува дека во Албанија живеат над 100 илјади Македонци а македонскиот јазик се зборува во областа на Преспа (има настава на македонскиот јазик во училиштата), во областа Голо Брдо (имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948), во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол (настава на македонски јазик имало до 2014 година) како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови.
По повод овој ден денеска беа избрани најуспешните ученици од повикот на Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ) за творби на мајчин јазик.
Ученици од шесто до деветто одделение кои имале најдобри прозни или поетски творби на мајчин јазик, на повикот на Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ), денеска во неговите простории добија пригодни награди на настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Настанот беше организиран во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците.
Наградените ученици, придружени од нивните ментори, ги прочитаа своите творби на слободна тема и напишани на нивниот мајчин јазик, што беше и услов на повикот, односно да бидат напишани на македонски, албански, турски, ромски, српски, босански, влашки и/или други јазици, независно дали е застапен во редовната настава во училиштето.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ рече дека МОЗ се приклучува кон глобалното чествување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари со порака за „јакнење на културните особености и промоција на соживотот во нашата земја која се карактеризира како повеќенационална и повеќејазична“.
„Со Уставот се предвидени седум јазици, но конкурсот беше отворен за сите, и за оние кои не се споменати во Уставот, така што не правевме никаква разлика меѓу јазиците. Јазикот не е само најсовршено средство за разбирање меѓу луѓето, туку едно од средствата за културна, духовна и секаква друга идентификација на сите луѓе во светот, вклучувајќи ја и нашата држава, бидејќи таа е позната како повеќејазична и повеќенационална. И од тој аспект сметавме дека треба да ги испочитуваме сите припадници на заедниците во Македонија“, изјави Стоилковиќ.
Посочи дека ова е прва година во која МОЗ го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, одѕивот на конкурсот бил одличен од учениците, а наредната година очекува, рече, овој ден да биде одбележан „на многу посериозен и поквалитетен начин“.
„Јас тргнувам од една народна изрека која кажува дека секој јазик е ваш кој не зборува против вашите интереси, и тоа нека биде потстрек за меѓусебно разбирање, затоа што разбирањето прво и елементарно се одвива преку јазикот“, додаде вицепремиерот.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари е востановен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година со цел промоција, негување и афирмација на сите јазици, како и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови од светот.