Skip to main content

Измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците го поминаа комисискиот филтер

Измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците денеска добија поддршка од членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Измените беа предложени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. За шесте поднесени амандмани од пратеникот на „Европскиот фронт“ Сали Мурати, не дадоа поддршка членовите на Комисијата.

За последниот шести амандман претседателот на Комисијата за политички систем Љупчо Пренџов го повика Мурати да го повлече бидејќи, како што посочи, не може да го стави на гласање оти во амандманот пратеникот бара промена во членот 8 став 5, а законското решение има седум члена. На ова, Мурати одговори дека при средувањето на амандманите собраниските служби направиле техничка грешка и оти нема да го повлече шестиот амандмам оти, како што рече, смета дека е во право.

Со измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците се предвидува укинување на неговиот правен статус. Исто така, со измените, се предвидува, директорот на Инспекторатот да поседува уверение, сертификат или друг документ за положен испит за познавање на еден од четирите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, францски, германски и италијански) на ниво Б2 од Европската референтна рамка за јазици, издадени од установа или институција во државата или од странство, регистрирана како давател на оваа услуга.

-Директорот своите надлежности ги извршува во согласност со членот 30 од Законот за инспекциски надзор. Вработените, опремата, документацијата, побарувањето и мирувањето на обврските, како и другите средства од Инспекторатот за употреба на јазиците се преземаат од Министерството за правда. Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи делот од член 20 став (1) од Законот за употреба на јазиците, кој се однесува на својството на правно лице на Инспекторатот, се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страна за оваа законско решение.

Пратеникот на „Европски фронт“ и предлагач на амандманите, Сали Мурати истакна дека со неговите шест поднесени амандмани се одбранува битието на Уставот членот 7 од Уставот, членот 48 од уставот и Законот за употреба на јазиците.

Пратениците на „Европскиот фронт“ во текот на расправата истакнаа дека целта на измените на Законот се да се контролира работата на Инспекторатот и да се навлезе во Законот за употреба на јазиците.

Рина Ајдари, пратеничка на „Европскиот фронт“ истакна дека целта на Законот е да се тргне еден независен орган и да се врати во една обична канцеларија каде ќе функционира во рамките на една институција со тенденција да се контролира и да се изврши прекршување од актуелната власт. Ова, како што потенцира, ја става во ризик ефективноста и интегритетот на работата која Инспекторатот ја вршеше досега, правејќи го тој еден предмет кој е во раката на власта.

-Ова измена која сака да се помине од парламентарното мнозинство има директни последици врз граѓаните, бидејќи ќе се намали можноста да се држи одговорност за тие кои го прекршуваат Законот за јазиците. Наместо да се унапреди овој Предлог-закон, не враќа во еден централизиран систем и систем без надеж. За штетата да биде уште поголема, напорите се прават за да се навлезе во Законот за јазиците, да се тргне членот 20 од овој Закон кој е поврзан со правото на правното дејство на овој Инспекторат. Ова флагрантно навлегување иако е недозволено за нас како пратеници Албанци во оваа Собрание, истото дејствие е и противуставен и сите вие кои сте тука присутни ова го знаете, рече таа.

Ајдари нагласи дека втората причина за овие измени на Законот е директорот – еден партиски кадар кој, како што рече, власта сака да го импонира во овој Инспекторат кој не ги исполнува условите.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски потенцира дека мандманите не соодветствуваат со закони кои заеднички биле изгласани со големо мнозинство. Тој нагласи дека ќе гласа воздржано за, како што рече, да не бидеме погрешно разбрани и од страна на предлагачот на амандманите и од било кој друг колега пратеник.

-Инспекторатитете без разлика дали станува збор за Инспекторатото за албански јазик, Инспекторатот за македонски јазик, Пазарниот инспекторат. Просветниот инспекторат и другите инспекторати во државата, ние заедно како парламентарно мнозинство, но исто така и пратениците на ДУИ сме ги гласале измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа каде што е предвидено намалување на правните лица и субјекти, односно припојување на инспекторатите кон матични министерства. Дополнително, оваа реформа е еден од условите кои се поставени со Реформаската агенда која е усвоена од две влади во континуитет – и од претходната и од сегашната влада, а е усогласена со Планот за раст на Европската комисија. Сметам дека ова прашање иако некој сака да го претстави како етно-политича тема, ова прашање е реформска тема која е усогласување со актуелното законодавство и со повисокиот надреден закон за органи на државна управа кој бил изгласан со 88 пратеници од парламентарното мнозинства о пратеничката група од ДУИ вклучително и пратеникот Сали Мурати. Сметам дека би требало да бидеме доследни, ако сме го гласале Законот за реформи на органите на државна управа, тогаш и ова да го сфатиме како административна-законодавна реформа која во меѓувреме ни е побарана не само за овој туку за сите 20 инспекторати од Европската Комисија да ја спроведеме за да можеме да добиеме дел од средствата кои се предвидени со Планот за раст а се наменети за Македонија, рече Милошоски.

Пратеникот на Движењето ЗНАМ, Бобан Карапејовски истакна дека со измените сакаат сите инспекторати во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за инспекциски надзор да го добијат своето место и да можат да функционираат.

-Вчера во 16:30 часот се поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик бидејќи Инспекторатот за македонскиот јазик има поскромен статус од Инспекторатот за албанскиот јазик. Имено, решени се работи како тој ќе функционира само во Законот за македонски јазик, нема и во Законот за употребата на јазиците и одделен закон. Во неговиот поскромен статус само во еден закон што само малку работи се регулираат. Со вчерашната Предлог-измена во првиот член стои: „се бришат зборовите со својство на правно лице“. Исто тоа што е предложено во овој Закон. Во членот 4 од Предлогот за измени и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик поднесен вчера, во членот 4 стои: „директорот своите надлежности ги извршува во согласност со членот 30 од Законот за инспекциски надзор“. Во членот 3 од Предлог на законот за именување на Законот за употреба на јазиците, Инспекторатот за употреба на јазиците стои: „директорот своите надлежности ги извршува во согласност со членот 30 од Законот за инспекциски надзор“. Идентично. Ние не сакаме никаков посебен статус да добие ниту еден инспекторат, туку сите инспекторати во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за инспекциски надзор конечно да го добијат своето место и да можат да функционираат. Луѓето четири месеци немаат земено плата. Ајде да го видиме функционалниот аспект. Мене ми се чини дека со овие дебати како да сакате да не функционира Инспекторатот за употребата на албанскиот јазик. На овој начин ја блокираме неговата работа. Ние сакаме да ја одблокираме практично работата. Ако само една одредба ми кажете сега со која се укинува која и да е надлежност во однос на надзорот на употребата на албанскиот јазик, дека се укинува албанскиот, јас веднаш тука ќе го повлечам Законот, рече Капарејовски.