
Во вчерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“, гостуваше пратеникот Душко Иванов, кој дискутираше за заштитата на правата на крајните корисници на електронско-комуникациските услуги, односно за измените на Законот за електронски комуникации, кои ќе им дозволат на институциите да го спречат нелегалното приредување на онлајн игрите на среќа, кое воедно претставува опасност од крадење на личните податоци, но и злоупотреба на платежните картички на граѓаните.
На почетокот, пратеникот Иванов со оглед на неговото долгогодишно работно искуство во АЕК, го истакна своето познавање на сите лоши состојби кои се наследени од претходната власт, која воедно ја злоупотребувала својата сила и моќ за да има се повеќе игри на среќа, притоа додавајќи дека токму поради тие причини се донесени законските измени со кои се регулираат нелегалните игри на среќа.
За жал, претходната власт не успеа или не сакаше да ја увиди состојбата во електронските комуникациски услуги, посебно во делот во којшто се овозможуваше неограничен пристап до одредени платформи или апликации, коишто притоа преку нивното користење се обезбедуваше онлајн коцкање, а коешто морам да напоменам беше незаконско. Од тие причини е донесен законот, се донесени измените и дополнувања на самиот законот и сметам дека ќе дадат голем придонес во натамошното делување на институциите, посебно во тој дел којшто е незаконски, вели Иванов.
Исто така тој потенцираше дека со примена на законските измени, ќе се ограничи пристапот до одредени електронски комуникациски услуги, коишто можат да имаат некакво штетно влијание врз граѓаните, а тоа би довело до подобрување на начинот на живот од повеќе аспекти.
Предлогот кој што стаса во Собрание е еден предлог којшто е измена на постоечкиот член 114, со измена и дополнување на шест става од истиот член, кои што ги уверувам гледачите, ги уверувам сите граѓани на Република Македонија, ќе дадат голем придонес да ги подобриме состојбите и да се обидеме лошото влијание коешто го има кон граѓаните, а тоа сме сите ние од причина што сите ние користиме електронски комуникациски услуги, штетното влијание коешто е од економски план, штетното влијание од психолошки план, штетното влијание од социолошки план коешто го има во семејствата во Република Македонија да го ограничиме, рече Иванов.
Во поткастот тој ја образложи и улогата на пратениците во законодавниот дом, притоа акцентот го стави на надзорот којшто ќе се прави на работата на АЕК и самата имплементација на законот, која ќе доведе до целокупно подобрување на општеството.
Ќе морам да се надоврзам и која е улогата на парламентот, ќе мораме ние како пратеници да продолжиме со надзорот на работата на Агенцијата за електронски комуникации, согласно закон Агенцијата доставува извештај за работа секоја година и да ја видиме на дело практичната имплементација на самиот закон, дали одреден број на апликации, одреден дел на платформи коишто се незаконски и спроведуваат онлајн коцкање, ќе бидат во наредниот период забранети, ограничен пристапот и се надевам дека ќе има подобрување на општеството посебно во делот кој што го споменав и социолошки и психолошки и финансиски, истакна Иванов.