
Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова, по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упатува честитка до сограѓаните Албанци, во која, како што се вели, со особена почит го честита 22 Ноември – празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ.
Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите. Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина, се вели честитката од Сиљановска-Давкова.
На овој празник, стои во честитката, изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница.
Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да ја градиме државата во духот на почит, еднаквост и единство. Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe, се вели во честитката од Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември.

Македонски








