Skip to main content

Гласот на вековите: Свети Климент Охридски меѓу својот народ

Светиот Климент Охридски има огромно значење за Македонија и за македонскиот народ – за неговото описменување, но и за духовното опстојување низ вековите. Не случајно токму ова парче земја го избрал за својата мисија: место од кое ќе твори, ќе подучува и ќе ја изгради духовната сила на народот. Под неговото дејство, Охрид прераснал во центар на учење, вера и просветителство – град каде неговото светло и денес силно зрачи.

Учителот Климент, ученик на светите Кирил и Методиј, својот живот целосно го посветил на ширењето на писменоста меѓу словенските народи. Во Охрид, тој основал училишта и манастири, каде што се изучувала словенската азбука, христијанските текстови и духовната традиција. Со својот труд станал вистински просветител: неговата мисија не била само образовна, туку и длабоко духовна – насочена кон опстојувањето на народот, неговата вера и култура.

Доаѓајќи во Охрид, Климент ја основал прочуената школа низ која поминале околу 3.500 ученици. Со тоа оставил траен белег во историјата – не само на Црквата, туку и на целиот словенски свет.

Но, покрај тоа што бил учител, тој бил и грижник и утешител на својот народ. Пред сè, Климент е светител, а народот често го нарекува „охридскиот чудотворец“. И во животот, и по неговото упокоение, се сметало дека преку него Бог делува и принесува чудесни дела меѓу луѓето.

Не случајно, по Божја промисла, неговата мисија се врзала со храмот на Свети Пантелејмон – место на исцеление и духовна крепост. Од неговото житие се познати моменти кога, патувајќи со дел од своите ученици, го воскреснале мртвото дете во домот каде престојувале. Овие сведоштва длабоко се врежале во народната меморија.

Охриѓани низ времето ги прераскажуваат и чудесните избавувања на градот од колерата што беснеела пред сто години, кога по литијата со неговите мошти болеста исчезнала, па сè до спасението на градот за време на Втората светска војна.

Овие настани потсетуваат дека чудотворната сила на светителите не произлегува од нив како луѓе, туку од нивниот свет живот – затоа што преку нив Бог делува. Тие се големи токму поради тоа што создале простор Божјата благодат да се всели во нив и преку нив да се пројави чудотворната моќ.

Понекогаш забораваме дека на Плаошник, се наоѓаат чудотворните мошти на Свети Климент. Тоа е повик да се сеќаваме дека Бог благоволил овој светител не само да живее и да делува во Охрид, туку и да биде погребан меѓу својот народ. Иако низ вековите трагедиите оставале своја трага, денес ни останува да се молиме Светиклиментовото кандило да остане запалено и да го осветлува патот на народот.

Општина Охрид денеска распиша конкурс за доделување на општинската награда – „Патрон на градот Свети Климент Охридски“ за 2022 година.

Охриѓани веруваат дека духот на Свети Климент и ден денес бдее над градот и неговите жители. Со векови наназад, на овој простор е длабоко вкоренет култот кон светителот. Охрид со особена почит го чествува својот заштитник – патронот на градот. Секоја година, Општина Охрид ги доделува највисоките признанија и награди на личности и институции кои го афирмираат градот дома и низ светот.

За Празникот на Свети Климент Охридски во храмот на Светите Климент и Пантелејмон на Плаошник се служи Празнична богослужба и Света архиерејска литургија. Оваа година со службата чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски, Владиката Георгиј, кој ќе рече дека најголемата убавина на Охрид не се само неговите прочуени храмови и манастири, туку пред сè, верниот и родољубив народ, кој го чува споменот за Свети Климент – Охридски чудотворец.

Свети Климент ги ограмоти и просвети сите словенски народи, но и по 11 века останува за овој народ, пред сè, семакедонски и охридски заштитник и закрилник пред Господа. Токму тука, на Плаошник, минувал непроспиени ноќи во молитва за своето паство, а денес овој ист народ Му принесува благодарност што ни го дарувал Свети Климент како духовен родител и патеводител, вели Владиката Георгиј во изјава за МИА.

Векови подоцна, Свети Климент продолжува да живее меѓу својот народ – преку делото, писменоста и духовната порака што ја оставил зад себе. Тој е светилник кој ја пренесува Господовата промисла и сведочи дека вистинската мисија е да се служи на знаењето, верата и народот.

Поврзани вести