Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со пратениците Бети Стаменкоска-Трајкоска, Борче Цветков и Саранда Имери Стафаи денеска остварија средба и со Бруно Фукс, претседател на Комисијата за надворешни работи во Националното собрание на Француската Република, како и поранешен потпретседател на Парламентарното собрание на Франкофонијата и нејзин актуелен генерален секретар.
Како што информираат од собраниската прес-служба, заблагодарувајќи се за реализацијата на средбата, Гаши ги потврдил одличните и континуирани односи меѓу двете држави и двата парламента. Посебен акцент ставил на плодната и интензивна соработката меѓу парламентарните групи за пријателство меѓу двете држави, со апел за нејзино унапредување во области поврзани со европските прашања и за што поскоро формирање на Групата за пријателство во Националното собрание. Особено го издвоил придонесот на француските парламентарци Лилијана Танги и Бертран Сор за нивниот придонес во соработката со колегите од Собранието на Република Македонија. Во однос на евроинтеграциите, го информирал соговорникот за условитите потребни за отворање на преговарачките поглавја и во тој контекст, изразил благодарност за фрацуската обновена посветеност на регионот на Западен Балкан и процесот на проширување.
Фукс изразил посебна благодарност за проактивното барање на Гаши за средби во Франција и неговата подготвеност за директни разговори околу значајни прашања со француските политичари, потврдувајќи ја поддршката и на Комисијата за надворешни работи и неговиот личен ангажман за забрзување на евроинтегративниот процес, со оглед на промените во меѓународните односи и светскиот поредок. Посебно ја поздравил соработката во Парламентарното собрание на Франкофонијата и учеството на нашата Секција во тие рамки.
Присутните биле согласни дека треба да се внесе нов моментум во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, решавањето на отворените билатерални прашања и за поддршка на земјите кандидати во спроведувањето на бараните реформи. Особено било поддржана идејата за поголема соработка во пошироки европски рамки, за зачувување на демократските вредности во нашите општества.