
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Виница, рече дека сега е време да се направат промени и за враќање на државата во рацете на граѓаните.
„Знам дека во ова време не е лесно да се биде гласен, но не смееме да се откажеме. Време е да им кажеме: Доста е! Доста е од неправда, доста е од страв, доста е од лаги. Граѓаните не заслужуваат празни ветувања, туку реални резултати”, порача д-р Филипче.
Филипче побара поддршка за визијата и програмата на кандидатотот за градоначалник, Гоце Милевски и советничката листа на СДСМ предводена од Зоран Стоименов, која нуди конкретни решенија за подобар живот на сите граѓани во Виница.
„Да го дадеме гласот за другарот Гоце Милевски, за да може заедно со советничката листа на СДСМ да изгради дом за стари лица, нов булевар на влезот во градот, велосипедски патеки, јавен превоз за сите населени места и да ја реши атмосферската канализација. Глас за СДСМ и Гоце Милевски, е глас за решенија што ја враќаат довербата и достоинството на општината”, истакна д-р Филипче.
Тој во своето обраќање упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на стравот и разочарувањето, нагласувајќи дека изборите на 19 октомври се избор во каква општина ќе живеат и дали општината ќе се гради или ќе се уништува.
„Знам дека сте уморни од лаги и разочарувања и знам дека многумина си велат: Сите се исти. Не, не сме сите исти. Некои ја градат државата, други ја користат. Некои се борат со народот, други против него. Време е државата да се врати кај граѓаните, не кај шерифите. Време е политика да значи служба, а не моќ“, порача д-р Филипче.
Филипче нагласи дека Виница може и мора да стане пример за ред, правда и достоинство, повикувајќи на обединување и мобилизација:
„Да се бориме за нашиот дом, за секое маало, за секој сосед, за секое дете што живее во сиромаштија. Да се бориме за чист воздух, безбедни улици и чесен живот за секој човек. Овој избор не е за партија, тоа е избор за подобар, спокоен живот за сите”, заклучи д-р Филипче на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”, која вечерва се одржа во Виница.