
Евроскептицизмот е непријател на нашата агенда и ние мора да покажеме правилност во одлуките пред граѓаните кои што ги носиме. Исто така, треба да бидеме креативни дипломати за да постигнеме конкретен напредок во процесите. И левите и десните страни треба да изградиме единствени позиции, да лобираме за тие позиции надвор, и повеќе да не дозволиме ова прашање да не дели ниту партиски, ниту да ги дели граѓаните, порачаа денеска говорниците во рамки на промоција на Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“.
Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков во своето обраќање денеска посочи дека сите заеднички треба да се стремиме кон внатрешните реформи, да се фокусираме на работата на реформската агенда и да ги исправиме грешките од минатото кои што се случувале во земјата, овозможувајќи им на институциите да бидат транспарентни и отворени кон граѓаните.
Иако ЕУ има свои внатрешни предизвици, сепак ваквите непропорционални пристапи, како што е овој кон нас, сметам дека не ни помага на сите нас, кои сакаме да ја држиме европската агенда во живот. Мора да сме свесни дека евроскептицизмот е непријател на нашата агенда и ние мора да покажеме правилност во одлуките пред граѓаните кои што ги носиме. Сметам дека мора заеднички да се стремиме на внатрешни реформи, а тој пакет на реформската агенда која што ја имаме, е оценета како најдобра од сите земји во регионот, подвлече Трајков.
Според Трајков, треба да бидеме ефикасни и ефективни и првенствено да ја донесеме ЕУ во земјата.

Многу работи кои се содржани во ова истражување ќе ни помогнат во политиките, кои во иднина треба да ги носиме како Влада, но од друга страна истражувањето ја отсликува реалноста на мислењето на самите граѓани и сметам дека со реформската агенда ние многу ќе сработиме, затоа што имаме одлични работи кои ја содржат самата агенда, но и обврски кои сме ги презеле кон ЕУ. Сметам дека младата популација не е толку многу насочена кон историските проблеми, туку кон она како може културно и економски да одиме напред како држава. Од друга страна, многу е важно како се однесуваме и ние како политичари во јавноста, бидејќи сметам дека поголемиот дел од она кое што е јавна перцепција го формираме ние, додаде таа.
Во однос на истражувањето, Трајков потенцираше дека процентот на довербата на граѓаните во ЕУ не е лош.
Пратеничка и член на Национален совет за евроинтеграции, Моника Зајкова смета дека треба пред се, да се средиме дома, за да бидеме посилни кон надвор. Таа во своето обраќање подвлече дека надворешните фактори, наместо домашните реформи, се оние кои се сметаат за главните причини за забавување на евроинтегративниот процес.
Надворешните фактори, наместо домашните реформи, се оние кои се сметаат за главните причини за забавување на евроинтегративниот процес. Јас ќе кажам дека сме свесни за предизвиците со кои мораме да се соочиме и препреките кои што мора да ги надминуваме како земја, но тоа не треба да не спречува да работиме на национален план и да ја направиме оваа земја поубаво место за живеење. Треба сериозно да работиме на она што ни е заедничка заложба, а тоа е отворање на поглавјето но и побрзо затворање, како и пристап кон повеќе фондови, рече Зајкова.
Таа додаде дека имаме домашна задача да работиме на национален план и да ги спроведуваме реформите. Како што посочи, охрабрувачки е фактот дека 62 отсто од населението ги поддржува аспирациите за членство во ЕУ и добро е што истовремено, ова е сигнал за стагнирање на оној постојан пад што го имавме во однос на довербата.
Иако се уште е присутен евроскептицизмот, ме радува што е во мал процент од 11 отсто, што сугерира дека во основа нашето општество се уште како партнер единствено ја гледа ЕУ. Ова е мотивација забрзано да работиме на овој процес. Треба да бидеме креативни дипломати за да постигнеме конкретен напредок во процесите. Јасно е од оваа анализа дека наративот на партиите влијае на креирањето на перцепцијата на граѓаните за ЕУ. Ќе ги повикам и левите и десните страни да изградиме единствени позиции, да лобираме за тие позиции надвор, и повеќе да не дозволиме ова прашање да не дели ниту партиски ниту да ги дели граѓаните, рече Зајкова.
Потпретседател на Собранието и претседател на Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски во своето обраќање денеска потенцираше дека овие истражувања имаат голема употребна вредност, не само за годината во која што се спроведуваат, туку и за следење на трендовите кои што се многу важни и во голем дел ги отсликуваат самите настани кои што влијаат на расположението, особено по однос на перцепцијата за членството во ЕУ.

Тој смета дека ЕУ со вклучување на земјите од Западен Балкан би била и економски посилна, и политички повлијателна.
Сметам дека во ЕУ процесот на носење на одлуки е прилично комплициран и исто така процесот на носење на стратешки одлуки не е изваден од тој контекст на компликации. Во однос на Конференцијата за безбедност во Минхен, мое мислење е дека ова може да биде добра шанса за ЕУ прво да изгради една подолгорочна и покредибилна стратешка визија за регионот, една поголема решителност дека регионот би бил полноправно интегриран, а се со цел да има двојна корист и регионот и ЕУ да станат посилни. ЕУ со вклучување на земјите од Западен Балкан би била и економски посилна, и политички повлијателна, рече Милошоски.
Прашан за изјавата на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во Минхен, дека мора да се зајакне процесот на проширување, Милошоски одговори дека „Европската Унија во последните десет години нема сериозна визија за проширувањето на ЕУ“.
Гледам дека тоа стана една фраза која често се повторува, а на дело немаме сериозни геополитички одлуки што би значело проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Ако ја гледате нејзината изјава внимателно, таа спомна дека би можеле една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но не спомна дека тие земји членки би можеле да станат полноправни членки на Европската Унија, што е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки со свој комесар, со свои европратеници и со свое право на вето, рече Милошоски.
Според анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани.