
– Постои неотповиклива желба на Европската Унија да помогне во евроинтегративниот процес на Македонија. Тука сме да помогнеме за што е можно поскоро да се спроведат неопходните реформи во земјава, со цел граѓаните да видат кои се придобивките во реално време од овие реформи, порача денеска во Скопје амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас на денешната промоција на Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“.
Според анализата, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани.
Амбасадорот Рокас во своето обраќање рече оти анкетата покажува дека е потребно детално да ги разгледаме овие наоди и да видиме каде можеме да направиме одредено подобрување.
Тој рече дека главната порака на амбасадорите до граѓаните треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност.
-Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на убрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа, подвлече Рокас.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во своето обраќање денеска напомена дека земјите од ЕУ се партнери во процесот на пристапувањето на Македонија во Унијата.
-Ако не верувате во можноста позитивно да се влијае на процесот, тогаш тој процес не треба ни да го започнете. Дефинитивно, тоа е нешто што во голема мера зависи од чекорите кои се преземени во регионот. Она што се покажа за време на Конференцијата за безбедност во Минхен е дека Европа се наоѓа на една критична и егзестенцијална раскрсница по однос на безбедноста. Тоа не потсетува за што всушност е основана Европската Унија. Тоа е Унија која што би требало да гарантира мир, слобода, стабилност и просперитет за своите луѓе и за своите соседи. Важно е да се потсетиме дека тоа е во сржта на она што треба да го бараме и постигнуваме заедно, рече Дрекслер.
Говорејќи за резултатите од анкетата, Дрекслер напомена дека е позитивно изненадена и оти граѓаните јасно го кажале своето мислење каде припаѓаат, а тоа е во Европа. Според Дрексер, стапката на поддршка за влез во ЕУ е навистина висока.
-Јас без позитивно расположена кога ги видов резултатите од оваа анкета. Она што го видовме е дека граѓаните кои беа анкетирани, јасно го истакнаа изборот каде припаѓаат – во Европа. Тука нема никакво сомнение. Дури и со намалувањето на довербата што се гледа во последните години, а тој тренд беше запрен, стапката на поддршка е 60 проценти, тоа е навистина силна поддршка, додаде таа.
Таа е на ставот дека на Европа се гледа како на доверлив и долгорочен силен партнер.
-Мислам дека тоа е нешто на кое што треба постојано да работиме. Според мене, заклучоците се позитивни и мислам дека имајќи ги во предвид сите предизвици со кои се соочуваме, една работа е јасна. Ние сме партнери заедно – земјите на ЕУ и Македонија. Ние сме партнери во процесот на пристапувањето и ќе продолжиме по тој пат, додаде Дрекслер