
Во првата еколошка акција годинава исчистен е брегот на Дебарско Езеро од насобраниот пластичен и друг отпад кај градската плажа и други делови, пред се каде што има угостителски објекти.
Акцијата се реализира по иницијатива на екологисти и Спортското риболовно друштво „Трофта“, концесионер на езерото а беше поддржана од граѓанските организации, општинското комунално претпријатие „Стандард“, локални компании, училиштата и локалната самоуправа.
Организаторите им ги обезбедија сите потребни материјали на учесниците: ракавици, црни пластични кеси, маички со натпис „За чисто езеро“ и освежителни пијалаци.
Вакви акции спроведуваме пред почеток на летната сезона, кога на овој дел има со стотици плажачи, како локални жители, од други градови, и нашинците од странство, кои одморот го минуваат во родниот крај. Ова е еден од најубавите делови во градот и жално е што се собира отпад. Апелираме до сите да бидат совесни и да го зачуваме ова наше богатство, велат од друштвото „Трофта“.

Од организацијата додаваат дека во водите на Радика завршува пластичен и друг отпад од селата по нејзиниот тек кои потоа се влеваат во езерото, но ист отпад се насобира и од несвесното однесување на дебрани, како и на жителите од подрачјето на Жупа.
Благодарение на ваквите интервенции, езерото се чисти и станува погодно за рекреација во текот на летните месеци.
Засилените контроли на рибочуварската служба на друштвото и еколошките акции се од суштинско значење за заштита на биодиверзитетот на Дебарското Езеро, кое не е само важен природен ресурс за рекреација на жителите, туку и голем потенцијал за развој на туризмот во регионот.